Претходна статија
Долгонајавуваниот трамвај во Скопје ќе започне да се реализира догодина
Следна статија
ЕЛЕМ „Енергетика“ го шири бизнисот со топлинска енергија во Скопје

Тендерот неуспешен, приказната за „Чебрен“ и „Галиште“ ќе продолжи со осми меѓународен повик

Објавено на 18.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По деветмесечна евалуација на доставените понуди од кинескиот конзорциум CWE (China Water Electric) и грчката PPC (Public Power Corporation S.A.), прекината е процедурата за избор на најповолен понудувач кој ќе ги гради хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Министерството за финансии денеска соопшти дека на последната владина седница се отфрлени понудите на двата странски субјекта за доделување на концесијата поради неприфатливост на условите што тие ги доставија. Документацијата на кинескиот конзорциум не била во согласност со критериумите наведени во меѓународниот тендер, но исто така тие испратиле барања кои биле неприфатливи за македонската влада. Дел од нив се: гарантиран откуп на целокупната произведена електрична енергија по однапред договорена цена, ХЕ „Тиквеш“ да биде вклучена во заедничката компанија со датумот на ефективност на Договорот за концесија, како и гарантирана стапка на поврат на инвестицијата во случај на лоша хидрологија.

 

Понудата од Грците ги задоволувала условите пропишани во тендерот, но понудениот процент на акции во износ од 28 отсто за Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во идната заедничка компанија бил премногу низок за да биде прифатен. По последниот неуспешен обид за реализација на овој капитален проект, информациите говорат дека по осми пат ќе биде објавен меѓународен повик за доставување понуди за изградба на двата енергетски објекта. Единствена сигурна новост е дека тој ќе биде објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање, а дополнителни информации за идните критериуми засега не се соопштуваат. Во меѓувреме, низ македонските медиуми се публикуваат неофицијални информации дека се разгледува можноста ЕЛЕМ да ја изведе единствено хидроелектраната „Чебрен“ со финансиски средства обезбедени од владата.

 

Идејата за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“ потекнува од 60 – тите години на 20 век, при што во периодот на поранешна Југославија се изработени идејни и основни проекти за нивна изградба. Во согласност со изработената физибилити студија за инвестициони можности за системот „Црна Река“, целосната изведба на овие енергетски објекти ќе чини околу 540 милиони евра, од кои 338 милиони би се одвоиле за „Чебрен“, додека останатите средства би се насочиле кон „Галиште“. Македонија донесе одлука двата проекта да се реализираат по пат на јавно – приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и заинтересиран странски субјект, кој би добил концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од идните хидроелектрани на системот „Црна Река“ .