Претходна статија
„Барокниот“ објект за Народна банка - мешавина од фонтана со обелиск, скулптури...
Следна статија
Ќе се возобноват некогашните куполи на главната пошта

Тендер за изградба на ново основно училиште во Капиштец

Објавено на 11.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Центар денес објави тендер за пронаоѓање на градежна компанија што ќе го издигне новото основно училиште во скопската населба Капиштец. Вредноста на идното здание за едукативни намени е проценета на 288.135.593 денари, односно околу 4,6 милиони евра без вкалкулиран ДДВ, а рокот за изградба ќе изнесува 36 месеци. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски уште во јануари годинава го најави капиталниот проект за оваа скопска општина, а веднаш потоа и Советот на општина Центар ја поддржа одлуката за кредитно задолжување со кое ќе се реализира инвестицијата.

 

 

 

 

Буџетот на локалната самоуправа нема дополнително да се оптовари со овој проект, откако сегашното општинско раководство се откажа од идејата за изградба на „барокна“ катна гаража кај поранешниот објект на НИП „Нова Македонија“. Финансиските средства од подигнатиот кредит на претходното општинско раководство ќе се искористи за учениците од скопски Капиштец да добијат адекватен простор за следење настава. Заинтересираните градежни компании имаат рок до 28 март за да ги поднесат своите понуди за учество во тендерската постапка. Општина Центар планира да ја стартува изградбата на училиштето уште во текот на оваа година, за што веќе беше расчистена локацијата за градење помеѓу улиците „Васил Ѓорѓов“ и „Адам Мицкијевиќ“.

 

Новото основно училиште во населбата Капиштец ќе се протега на 10.600 метри квадратни, со капацитет да прими 500 ученици на возраст од 6 до 15 години. Градежната парцела од 3.142 метри квадратни на локалните власти веќе им е доделена од страна на Министерството за транспорт и врски. Објектот со современ архитектонски лик ќе се изведува врз основа на идејното решение на авторите Бесиан Мехмети, Стефан Атанасовски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk