Македонски железници се црна точка во развојот на домашниот транспорт во изминатава деценија. Нечистите и стари патнички возови, кои често доцнат до своите дестинации, доведоа до намалување на бројот на патници со текот на годините, додека домашните компании полека се ориентираат кон користење на камионскиот превоз при транспортот на своите производи. Публикацијата „Македонија низ бројки 2015“ ги покажува сите слабости на железничкиот сообраќај низ конкретни бројки, кои посочуваат на вистинско назадување на овој вид транспорт во споредба со патниот превоз и авиосообраќајот.
* Празни возови, негативни статистички резултати од работењето
Македонските возови во текот на минатата година превезле единствено 803.000 патници, што е за 100.000 помалку во однос на 2004 година и за речиси двојно помалку од пред пет години, кога услугите на Македонски железници ги користеле 1.523.000 патници. Бројот на изминати километри во патничкиот сообраќај континуирано опаѓа, што доведува до намалување на севкупниот удел на железницата во домашниот транспорт. „Во 2014 година доминира патничкиот транспорт со автобуси со учество од 93,8% во споредба со патничкиот транспорт со железница, додека во 2009 година тоа учество изнесуваше 88,7%“, се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика.
Исклучително неповолни бројки се констатирани и кај товарниот железнички сообраќај. Во 2014 година со железница се транспортирани 2.376 илјади тони стока, што претставува намалување во споредба со 2009 и 2004 година како периоди на компарација. Колку за споредба, македонските возови пред една деценија превезувале товар во износ од 2.641 илјади тони. Патниот товарен сообраќај лани доминирал со учество од 94,7% во споредба со товарниот превоз со железница, додека во 2009 година тоа учество изнесувало 89%.
Лошите резултати од работењето на Македонски железници можат да се увидат и од бројот на укинати возови во изминативе неколку години. Наместо три воза дневно, на релацијата Скопје – Кичево во моментов сообраќа единствено еден патнички воз. Кратење на возовите е направено и на линијата кон Кочани, град до кој во моментов сообраќа еден воз дневно. Изминативе години се укина еден од двата експресни воза кон Солун, како и еден од двата брзи воза кон Приштина. Туристичкиот воз преку летните месеци до Бар не сообраќа веќе четири години, а од Македонски железници – Транспорт нема ниту една најава за воведување на нови релации или пак за идно зголемување на бројот на возови кон постоечките дестинации.
Бојан Блажевски