Претходна статија
Ќе се гради нов Клинички центар, локацијата во Бардовци ќе чека посветла иднина
Следна статија
Фасадата на „Стариот театар“ ќе биде украсена со 46 скулптури

ТЕМА: Стратегија имаме, нови автопати нема да отвораме во 2012 година

Објавено на 19.02.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Соседите на Македонија ја имаат зацртано претстојната 2012 година како клучна за отворање на стотици километри нови автопати, наспроти нашата држава која не планира да пушти во употреба ниту еден нов километар. За нас особено загрижувачко е темпото на работа на патниот Коридор 4 кој засилено го градат Бугарија и Грција и претставува алтернатива за коридорот 10, но и автопатот низ Косово и Србија од Ниш до бугарската граница кој претставува сериозна конкуренција на Коридор 8. Затоа пак, годината пред нас и понатаму ќе ја поминеме во избор на модели за градење, планирање на состојбите, бројни студии и најави за наредните години.

 

Според информациите од Министерството за транспорт и врски, Македонија во 2012 година нема да добие нови километри автопат, но предвидено е во текот на годинава да започне изградбата на делницата од Смоквица до Демир Капија во должина од 28,6 километри, која доколку се оди според планираното, треба да биде пуштена во употреба дури на крајот на 2016 година. За овој проект се издвоени 271 милиони евра, а долж трасата ќе се изградат два тунела долги над 1 километар и шест мостови. Во годината што е пред нас е планирано да продолжи рехибилитацијата на автопатот од Катланово до Велес во должина од 27,5 километри. Во соработка со НАТО, во 2012 година ќе започне проектот за санација на 16 мостови на истоимената делница во вредност од 8,6 милиони евра, иако реалните градежни работи се очекуваат во 2013 година.

 

Според буџетот на бугарското министерство за транспорт за 2012 година, источниот сосед во претстојнава година планира да пушти во употреба нови 123,5 километри патна инфраструктура од највисок ранг. Автопатско поврзување со Македонија не е ниту напоменато во официјалните документи. Бугарските власти сметаат дека во 2012 година ќе се заврши автопатот „Тракија“ помеѓу Софија и Бургас. Делницата од Стара Загора до Нова Загора во должина од 31,7 километри се очекува да се комплетира до јули 2012 година. Градежните работи на овој сегмент од автопатот започнаа во јуни 2010 година, а изведувач на работите е конзорциумот „Магистрала Трејс“. До септември 2012 година е предвидено да се заврши делницата од Нова Загора до Јамбол во должина од 34,3 километри, а бугарските власти се оптимисти дека во текот на оваа година ќе се доврши и делот од Јамбол до Карнобат во должина од 47,7 километри. Нови 8,5 километри ќе се комплетираат до крајот на годината со поврзувањето на автопатот „Хемус“ со обиколницата околу Софија, проект што стартуваше во текот на 2011 година.

 

Мост Видин – Калафат

Мост Видин - Калафат

 

Загрижувачки за Македонија треба да биде темпото на работа на автопатот „Струма“ и мостот Видин – Калафат, односно трасата на Коридорот 4 кој е директен конкурент на Коридорот 10 што минува низ нашата земја. Според предвидувањата на бугарското министерство, работите на мостот на Дунав се одвиваат според предвиденото темпо, до крајот на 2012 година треба целосно да се доврши и оспособи за сообраќај новата врска помеѓу Бугарија и Романија, а во 2013 година е планирано свеченото пуштање во употреба.

 

Во текот на 2012 година се очекува забрзано да се гради првиот сегмент од автопатот „Струма“ помеѓу Долна Диканја и Дупница во должина од 17 километри, кој има краен рок за завршување на работите до август 2013 година. Во претстојната година е предвидено да започне да се изведува автопатската делница од границата со Грција до градот Сандански во должина од 15 километри и делот од Дупница до Благоевград во должина од 34 километри. Во согласност со зацртаните рокови на изведба, до летото 2015 година ќе бидат комплетирани овие две делници од автопатот „Струма“. За најтешкиот сектор на патниот Коридор 4 помеѓу Благоевград и Сандански е планирано во 2012 година да заврши комплетната тендерска процедура и изборот на најповолен понудувач, но овој сегмент се очекува да биде завршен во периодот помеѓу 2014 и 2020 година.

 

Наспроти нашиот источен сосед, Србија во претстојната година планира да пушти во употреба 94,37 километри автопат од Коридорите 10 и 11. Интересно е што нашиот северен сосед засилено ги форсира северниот и источниот сегмент од Коридор 10 кон унгарската и бугарската граница, а со најбавно темпо се работи автопатот од Ниш кон македонската граница. Во 2012 година е зацртано конечно да се комплетира автопатската делница од Лесовоје до македонската граница во должина од 21,5 километри во текот на летото што доаѓа. На потегот од Ниш до Прешево е предвидено да се пушти во употреба и сегментот од Српска куќа до Долни Нерадовац во должина од 7,97 километри.

 

Автопат Хоргош – Нови Сад

Автопат Хоргош - Нови Сад

 

Најголемо внимание српските власти во 2012 година ќе посветат на автопатот од Ниш до бугарската граница. Во првата половина од 2012 година се очекува да се отворат делниците од Димитровград до границата со Бугарија во должина од 5,8 километри и од Пирот до Димитровград во должина од 14,3 километри. На северниот крак од Коридор 10 е предвидено конечно да се пушти во употреба сегментот од Суботица до преминот Келебија во должина од 22,3 километри. Нови 10 километри автопат ќе се комплетираат помеѓу Батајница и Добановци во делот на проектот за изградба на обиколница околу Белград. На Коридорот 11, кој се протега од Белград кон Јадранското море, за претстојната година е зацртано да се пушти во употреба делницата помеѓу Уб и Лајковац во должина од 12,5 километри.

 

Покрај свечените отворања, пред Србија во 2012 година се неколку официјални стартувања на градежните активности на неколку делници. Во годината пред нас е планирано да започне изградбата на делот од Чифлик до Пирот во должина од 29 километри, чиј рок за завршување е 2 години. Со забрзано темпо ќе продолжи изградбата на автопатската делница од Црвена Река до Чифлик во должина од 12,7 километри, а грчки „Актор“ доби 18 месеци за целосно комплетирање на овој сегмент.

 

На потегот од Ниш кон македонската граница е предвидено да отпочнат работите на најтешката делница од Грделица до Царичина долина во должина од 13,5 километри. Оваа траса е поделена на 4 сектори, со два тунела од 1,8 и 1,1 километри и 16 мостови, а истата има амбициозен рок на завршување на работите од 2 години, освен тунелите кои ќе треба да се изградат за 900 дена. Српските власти во 2012 година планираат да го започнат автопатот од Појате до Прељина, со кој ќе се поврзат патните Коридори 10 и 11, како и градовите Крушевац, Краљево и Чачак.

 

Тунел на автопатот Тирана – Елбасан

Тунел на автопатот Тирана - Елбасан

 

Кога станува збор за изградбата на инфраструктура од овој вид, Албанија во 2012 година очекува да пушти во употреба 95,2 километри автопат. Предвидено е конечно да се комплетира поврзувањето помеѓу Леван и Тепелене во должина од 71 километри. Овој патен правец од највисок ранг е поделен на два сектора, а со неговото пуштање во употреба градовите Ѓирокастро, Саранда и Тепелене ќе се поврзат со Тирана. Според стратегијата на министерството за транспорт, во претстојнава година е зацртано да се заврши и автопатот од Фиер до Валона во должина од 24,2 километри, иако официјалното отворање доцни веќе неколку месеци.

 

Клучниот проект на кој ќе се работи во текот на оваа година во Албанија е автопатот помеѓу Тирана и Елбасан, долг 31,17 километри. Оваа делница поминува низ тежок терен, има два тунела со должина од 4,4 километри и вијадукти со должина 4,65 километри. Грчката компанија „Актор“ доби само 18 месеци за да ги комплетира тунелите и целокупната делница, чија вредност изнесува 360 милиони долари. Во претстојната година е предвидено да се завршат две обиколници околу албанските приморски градови, а за македонските граѓани од извонредна важност е и завршувањето на патот од Скадар до границата со Црна Гора.

 

Новоизграден автопат на Косово

Новоизграден автопат на Косово

 

И Косово во новата 2012 година ќе изгради поголем број километри автопат од Македонија. Според стратегијата на министерството за инфраструктура, во претстојната година ќе се пуштат во употреба нови 21 километри автопат. Како што е од поодамна познато, стратешка цел на косовските власти е да се доврши патната инфраструктура од највисок ранг помеѓу границата со Албанија и границата со Србија кај преминот Мердаре. Во изминативе 3 години, Косово отвори огромни сегменти од овој капитален проект, а за него во 2012 година ќе бидат издвоени 240 милиони евра. Нашиот северен сосед во текот на оваа година планира да го заокружи финансирањето на автопатот Приштина – Генерал Јанковиќ и да се заврши целокупната тендерска процедура, а 55 километри долгата делница кон македонската граница е предвидено да отпочне да се гради во текот на 2013 година.

 

И покрај длабоката криза во која се наоѓа, Грција во 2012 година планира да пушти најмногу километри автопат во споредба со сите наши соседи. Нови 262,5 километри најсовремена патна инфраструктура се очекува да бидат отворени за сообраќај. За 2012 година не е планирано да се надгради делот од Солун до границата со Македонија, но затоа интензивно ќе се работи на автопатот А25 од Солун кон бугарската граница. Во изминативе неколку месеци беа завршени два сектора во должина од 18 километри, а во текот на оваа година се очекува да се завршат делниците од Стримонико до Христос во должина од 22 километри и од Сидирокастро до Нео Петрици во должина од 9 километри. Барем според интензитетот на градба, нашиот јужен сосед и во текот на 2012 година ќе му даде предност на конкурентскиот Коридор 4.

 

Новоизграден автопат на Пелопонез

Новоизграден автопат на Пелопонез

 

Во претстојнава година е планирано да се заврши делницата од автопатот А1 во долината Темпи. Овој проект, кој се гради 4 години, меѓудругото опфаќа изградба на три двоцевни тунели од кои најголемиот е долг околу 6 километри, со што Грција ќе го добие најдолгиот тунел во патниот сообраќај на Балканот. На Пелопонез е предвидено да се пушти во употреба 205 километри долгиот автопат „Мореас“ со завршувањето на делницата од Триполи до Каламата во должина од 39,8 километри и делницата од Лефктро до Спарта во должина од 47 километри.

 

Според зацртаните крајни рокови, на автопатот „Олимпиа Одос“  се очекува да се отвори делот од Патрас до Коринт во должина од 120 километри со завршувањето на пет делници од овој проект, во кој се изведоа повеќе од 16 километри тунели за помалку од 3 и пол години. Во претстојната година е предвидено да се продолжат градежните работи на автопатот помеѓу Патрас и Пиргос, поточно на делот во префектурата Илеа во должина од 35 километри. Поради должничката криза и недостигот на финансиски средства во грчкиот буџет запрена е изградбата на неколку автопати. Неизвесно е дали во претстојната година ќе продолжат градежните активности на автопатот А3 од Ламиа до Егнатиа Одос, како и на автопатот А5.

 

 

Бојан Блажевски