Претходна статија
На „Гранит“ му се намалила, на „Бетон“ му пораснала ланската добивка
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Се расчистува теренот за новата сала на МЗТ

ТЕМА: Соседите градат многу и брзо, Македонија заостанува во изградбата на автопатиштата

Објавено на 03.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонија, заедно со Црна Гора и Босна и Херцеговина, е во групата на балканските држави кои нема да пуштат во употреба ниту еден километар автопат во текот на 2013 година. Наспроти многубројните најави за проекти што се заглавени во долги постапки, на терен во претстојната година ќе се работи единствено на изградбата на автопатската делница од Смоквица до Демир Капија во должина од 28,2 километри, како и на рехабилитацијата на сегментот од Велес до Катланово во должина од 24 километри. Ветувањето за реализација на 53 – километарскиот автопат од Миладиновци до Штип ќе го почека завршувањето на изборниот процес. Во моментов е прекината постапката за експропријација на земјиштето и се очекува таа да продолжи по локалните избори. Ако се завршат неопходните активности во разумен рок, тогаш изградбата на оваа автопатска делница би можела да започне кон средината на годинава, иако првичните замисли беа таа да стартува со градба на почетокот од 2013 година.

 

 

 

 

Покрај тоа што нема да се помрднеме од бројката на 259 километри завршена автопатска мрежа, за оваа година не е планирано ниту сечење лента како завршеток од реконструкцијата на некоја од автопатските делници во земјава. Ако е за утеха, ниту балканските соседи Црна Гора и Босна и Херцеговина не планираат да пуштат во употреба ниту еден километар автопат. На самото дно на балканската листа со ниту еден километар од овој вид патишта, Црна Гора ќе ја преспие и 2013 година во ветувањата за реализација на проектот од Бар до Бољаре. Долго најавуваниот зафат за совладување на кањонот Морача и изведба на современ патен правец кон границата со Србија во моментов е заглавен кај преговорите со кинески и американски компании кои би вложиле во автопатот, чија изградба би изнесувала над 1,7 милијарди долари. Проценките се дека во втората половина од 2013 година ќе се знае судбината на оваа неколкудецениска идеја.

 

Слично на нашата земја, Босна и Херцеговина не планира да отвори нови современи патни правци во 2013 година. Избраните градежни компании, меѓу кои и скопски „Гранит“ како изведувач на една од делниците што треба да ја поврзат Бања Лука со Добој, ќе треба да ја продолжат изградбата на зацртаните автопати во должина од 55 километри. Стратегијата на босанската влада е до крајот на 2014 година земјата да биде поврзана со патишта од највисок ранг во должина од 102 километри. Како важен податок за македонското градежништво е учеството на скопски „Гранит“ со сопствена понуда на тековниот тендер за изградба на уште една автопатска делница, на потегот од Прњавор до Бања Лука.

 

Сите останати балкански држави се наоѓаат пред Македонија на листата на автопатски проекти што ќе ги завршат во 2013 година. Според збирните информации на неколку романски медиуми, во текот на годинава треба да се финализира изградбата на дури 238,3 километри нови делници на сите три автопатишта, кои во моментов паралелно се градат на територијата на целата земја. Сегментите од европскиот патен Коридор 4, на потегот од Симерија до Ораштие, од Арад до Надлач, од Лугој до Дева и од Ораштие до Сибиу треба да се комплетираат во различни периоди од оваа година. Забрзано се одвиваат изведбените активности и на автопатот А3, како втора патна врска на Букурешт со Унгарија, така што во наредните месеци треба да се отворат за сообраќај нови 70,5 километри. Најспоро се гради приморскиот автопат кој треба да ги поврзе Романија и Бугарија, на оваа траса годинава ќе се пуштат во употреба 2 километри автопат.

 

 

 

 

Кога станува збор за конкурентскиот Коридор 4, нашиот источен сосед напорно работи на изградба на огромниот проект. Во соработка со Романија, во средината на 2013 година е планирано да се пушти во употреба мостот на реката Дунав од бугарскиот град Видин до романскиот Калафат. На автопатот „Струма“, кој во иднина треба да ја поврзе Софија со Грција, во 2013 година е планирано да се заврши сегментот од Долна Дикања до Дупница во должина од 16,8 километри. Бугарската влада сака да ги поврзе Софија и Благоевград со автопат до крајот на 2015 година. Останатите делови од овој патен правец треба да се реализираат во понатамошниот период.

 

Претстојнава година ќе биде многу значајна за Бугарија, бидејќи по долгогодишна изведба ќе бидат целосно завршени автопатиштата „Тракија“ и „Марица“. Последните 32 километри од врската на Софија со Бургас треба да бидат комплетирани најдоцна до 31 мај, со што целата траса од автопатот со должина од 360 километри ќе биде отворена за патниот сообраќај. До крајот на годинава треба да се пушти во употреба и 67 – километарскиот автопат од Оризово до преминот „Капитан Андреево“ на границата со Турција. Автопатот „Марица“ ќе се надоврзе на комплетираниот автопат „Тракија“, со што ќе се заокружи уште еден суштински дел од паневропскиот Коридор 4. Во наредните месеци треба да се заврши и врската на бугарската метропола со автопатот „Хемус“ во должина од 9 километри. Со комплетирањето на овие крупни проекти, Бугарија во 2013 година ќе добие нови 124,8 километри автопат и нејзината територија ќе има вкупно 696 километри автопати.

 

Нашиот источен сосед во наредните години максимално ќе се насочи кон изградбата на новиот автопат „Калотина“ како сегмент од патниот Коридор 10, кој треба да ја поврзе Софија со бугарско – српскиот граничен премин Калотина. Изведбата на овој проект треба да започне во текот на 2013 година. Во меѓувреме, Србија е сконцентрирана на завршувањето на нејзиниот дел од автопатската врска на Ниш со пограничниот град Димитровград. За годинава е предвидено да се заврши обиколницата околу Димитровград, автопатските делници од Пирот до Димитровград во должина од 14,3 километри и од Црвена Река до Чифлик во должина од 12,7 километри. Во 2013 година на овој крак од паневропскиот коридор е зацртано да се комплетираат и двата тунела „Пржојна Падина“ и „Прогон“, кои ќе бидат долги 1,7 километри. Српските власти го определија почетокот на 2015 година како краен рок за комплетирање на автопатската врска со Бугарија.

 

 

 

 

За жал, побавно се одвиваат градежните активности за целосна изградба на автопатот од Ниш до границата со Македонија. Властите од Белград не сакаат да публикуваат подетални информации во јавноста за евентуални временски периоди во кои би се комплетирал автопатот. Најтешката делница низ Грделичката клисура ќе започне да се гради во текот на оваа година, а изведбените активности треба да се завршат во рок од 900 дена. Од целиот автопат во должина од 97 километри досега се комплетирани само 22 километри, на потегот од Левосоје до границата со Македонија. Од компанијата „Коридори Србије“ соопштуваат дека во 2013 година ќе биде пуштен во сообраќај автопатскиот сегмент од 8 километри на потегот од Долни Нерадовац до Српска куќа, додека за наредната година ќе остане делот од Грабовница до Грделица во должина од 5,6 километри.

 

Српската влада активно работи и на патниот Коридор 11. Годинава треба да биде отворена 12,6 километарската делница од Уб до Лајковац. Кинеската компанија „Шандонг хај – спид груп“ во наредните месеци ќе ја отпочне изградбата на сегментите од Лајковац до Љиг и од Обреновац до Уб, со што ќе се забрзаат активностите за автопатско поврзување на Белград со црногорското приморје. Голем предизвик за српската држава е и завршувањето на белградската обиколница, на која градежните активности во моментов се одвиваат со намалено темпо поради недостиг на финансиски средства. И покрај сите потешкотии, Србија во текот на 2013 година ќе пушти во употреба автопатски делници со вкупна должина од 49,2 километри.

 

Нашиот северен сосед Косово во текот на оваа година ќе ги заврши преостанатите 41 километри од автопатот „Ибрахим Ругова“. Паралелно со комплетирањето на врската со Албанија, властите од Приштина планираат да ја започнат изградбата на автопатот од Приштина до границата со Македонија. За идниот современ патен правец веќе се издвоени 30 милиони евра од косовската влада, иако за целосна реализација на 55 – километарската траса се неопходни преку 790 милиони евра. Од тие причини, најпрвин ќе започне изградбата на делниците кои минуваат низ рамничарски терен, додека делот низ Качаничката клисура ќе се изведува во понатамошните фази.

 

Плодна година во поглед на изградбата на автопати ја очекува и Албанија. Најважен проект што ќе се заврши е делницата од Тирана до Елбасан во должина од 26 километри. Реализацијата на целокупната траса со 21 вијадукт и неколку тунели долги  7,2 километри ќе се заврши во временски период од само 26 месеци. Во пролетните месеци треба целосно да се комплетира автопатската делница од Скадар до границата со Црна Гора во должина од 43 километри. Нашиот западен сосед во текот на 2013 година ќе започне со градба на нови 29 километри автопат на југот од земјата, а предвидено е конечно да се даде под концесија на странска компанија и идната траса од Милот до Морина, кој е дел од автопатот Кукс – Драч. Пресметките покажуваат дека Албанија во рамки на 2013 година ќе комплетира 69 километри автопат.

 

Конечно, и хрватската влада ги одмрзна прекинатите 11 проекти за довршување на автопатите кои минуваат низ нејзина територија.  Од стратешко значење за Хрватска е целосното завршување на автопатот од Загреб до Дубровник. Оваа година треба да се пушти во употреба делницата од Вргорац до Плоче во должина од 11 километри и најкраткиот хрватски автопат во должина од 7,5 километри од Плоче до преминот Метковиќ на границата со Босна и Херцеговина. Ако се реализираат владините планови, на територијата на Далмација во текот на 2013 година ќе бидат отворени за сообраќај вкупно 30 километри нов автопат. На автопатот од Загреб до Сисак треба да се комплетира делницата од Бушевец до Лекеник во должина од 11,2 километри, додека на автопатот од Бели Манастир до Осиек ќе се доврши величествениот мост на реката Драва во должина од преку 2,5 километри. Хрватска во текот на оваа година ќе добие нови 43,7 километри автопат, а оваа земја ќе остане и понатаму апсолутен лидер помеѓу балканските држави во однос на најсовремена патна мрежа во должина од 1.317 километри.

 

Ако сака да фати приклучок со соседите, Македонија ќе мора со посилно темпо да ги реализира проектите за изградба на автопатските делници. Покрај довршувањето на Коридорот 10 и потребата за реконструкција на некои негови сегменти, земјава во најскоро време треба да го заврши процесот за давање под концесија на автопатските делници од паневропскиот Коридор 8. Од суштинско значење е и изградбата на кратката автопатска делница кон Косово, но и брзата врска помеѓу Скопје и Штип. Експертите и стопанствениците долго време советуваат да се посвети поголемо внимание на автопатиштата, особено на трасите од двата коридора. Покрај домашните обврски за донесување на стратешки одлуки, македонската влада ќе треба да посвети многу повеќе време и на лобирање кај бугарската и албанската држава, со цел тие да посветат позначајно внимание на Коридорот 8. Ако се суди според постоечките потези на нашите соседи од исток и од запад, активностите на овој паневропски коридор ќе мируваат и во наредните неколку години.

 

 

Бојан Блажевски