Претходна статија
АДСДП нуди станови од 795 евра за квадрат во Аеродром
Следна статија
Ќе се подобрува енергетската ефикасност во гевгелиските образовни институции

ТЕМА: Приватните автобуски компании превезуваат хаос низ главниот град

Објавено на 12.02.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Стари автобуси, неунифицираност на возилата, неиздавање на билети, непостоење на интегриран тарифен систем, непочитување на возните редови од поединци, непостоење на автобаза и организиран сервис се дел од негативните карактеристики својствени за работењето на приватните автобуски превозници, кои претставуваат дел од системот на јавен превоз во Скопје.

 

Појавата и функционирањето на приватните превозници е најзначајната анализирана тема во Нацрт – планот за оддржлив транспортен систем на Градот Скопје, изработен од Техничкиот факултет од Битола во рамките на проектот „CIVITAS – RENAISSANCE“. Експертите укажуваат дека недоволно осмислената дерегулација во 1989 година, без јасно дефинирана политика и цели, донела огромна штета во патниот транспорт. „Системот на јавен градски превоз се распадна. Веќе не можеше да стане збор за единствен тарифен систем, координирани возни редови и за покриеност со квалитетна услуга на територијата на целиот град“, се истакнува во нацрт – планот.

 

Најгорливиот проблем со приватните автобуски превозници во Скопје е староста на нивниот возен парк, која произлегува од континуираното купување половни возила кои се исфрлаат од употреба од јавниот превоз во западноевропските држави. Во предлог – планот се наведува дека просечната старост на автобусите на „Слобода превоз“ во јуни 2010 година изнесувала 27,46 години, додека оние на „Макекспрес“ биле стари од 10 до 35 години. Наспроти нив, ЈСП – Скопје пред да се поднови со автобусите на украински ЛАЗ и кинески Јутонг имал возен парк со просечна старост од 20,35 години.

 

 

 

 

Трендот на купување половни автобуси од странство продолжува и понатаму кај приватните превозници. Во моментов е актуелен владиниот Правилник од ноември 2011 година за увоз на употребувани автобуси и минибуси кои го задоволуваат ЕУРО 2 стандардот. До 30 април автотранспортните компании ќе можат однадвор да внесат половни возила од категоријата М2 и М3, поточно минибуси и автобуси. Ваквата мерка, донесена на барање на дел од здруженијата на превозници, ќе ги замени дотраените превозни средства, но наместо нови повторно во сообраќај ќе се вклучат стари возила од западноевропските земји.

 

Голем проблем со приватните автопревозници е непостоењето на унифицираност на возилата, што подразбира препознатлива боја на возилото, лого на компанијата, нумерирање на возилото и идентично означување на бројот на линијата на која сообраќа. Секој приватен автобус е приказна за себе, често со непроменет изглед на возилото по неговото купување од странство.

 

 

 

 

Во Предлог – планот за оддржлив транспортен систем на Градот Скопје се наведува дека јавниот градски превоз за да ја исполни својата улога мора да функционира со единствени координирани возни редови и единствен тарифен систем. Засега не постои склучен договор помеѓу приватните превозници и ЈСП – Скопје, но истата состојба е присутна и помеѓу самите приватни компании. Најевидентен пример во таа насока беше воведувањето на различни електронски картички за наплата, „Моја карта“ на превозникот „Слобода превоз“ и „Наша карта“ на „Макекспрес“.

 

Горлив проблем на скопјани е неиздавањето на билети од страна на приватните превозници за извршената услуга. Електронските картички на овие компании не заживеаја, а поголем дел од возачите ги отстранија веќе поставените валидатори. На тој начин, граѓаните се оставени на немилост од страна на автотранспортерите без фискална сметка или возен билет, уникатен случај што е непознат за било кој друг вид сообраќај во земјава.

 

 

 

 

И покрај хаотичноста во која егзистираат, приватните автобуски претпријатија се во повластена положба во однос на ЈСП – Скопје. Во нацрт – планот на Техничкиот факултет од Битола се наведува дека приватните превозници не мораат да плаќаат ДДВ од 18% за разлика од ЈСП – Скопје, имаат мал број приградски линии кои се нерентабилни, немаат автобаза и сервис за оддржување на возилата и немаат ефикасна контрола на возните редови.

 

Функционирањето на приватните автобуски превозници и нивните иманентни карактеристики придонесуваат во голема мера за хаотичноста на јавниот градски превоз во главниот град. Со воведувањето на новите автобуси на ЈСП – Скопје, Градот Скопје ја има можноста да воведе построги критериуми за добивање на лиценца за работа за приватните превозници, како што е купувањето на нови неупотребувани возила и унифицираност на автобусите. Моменталната хаотична состојба во Скопје бара сериозно анализирање и преиспитување на политиката за дерегулација на јавниот автобуски превоз од страна на градските власти.

 

 

» Форумска дискусија за јавниот автобуски превоз

 

 

Бојан Блажевски