Претходна статија
Денови на Орис 2012
Следна статија
Новите пет споменици во центарот на Скопје ќе чинат 67 милиони денари

ТЕМА: Многу зборуваме, малку вложуваме во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија

Објавено на 08.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија секојдневно се присутни во новинарските текстови на македонските медиуми, огромен број на владини тела и невладини здруженија организираат семинари, тркалезни маси и трибини поврзани со активните мерки што би требало да се спроведат за намалување на потрошувачката на енергија и за искористување на сонцето, ветерот, водата и биогасот за производство на енергија, но во реалноста се преземаат минорни чекори за остварување на проекти и вистинска помош за граѓаните и стопанските субјекти во однос на овие актуелни прашања. Во Македонија можат на прсти да се избројат министерствата, владините агенции, локалните самоуправи, банките, штедилниците и невладините организации кои им нудат на физичките и правните лица финансиска помош при инвестирањето во мерките за енергетска ефикасност и искористувањето на еколошките извори на енергија.

 

Министерството за економија е единствениот субјект од македонската влада кое во моментов е вклучено во поттикнување на граѓаните во насока на искористување на сонцето како извор на енергија, преку инсталирање на соларни панели во индивидуалните домаќинства. Тоа досега спроведе четири акции за субвенционирање на трошоците за инсталирање на соларни термални системи за производство на топла вода, при што во проектот се инвестирани околу 22 милиони денари за 1.420 домаќинства кои аплицирале на јавниот повик од министерството. Пресметките покажуваат дека едно домаќинство со инсталирање на ваков систем заштедува годишно околу 2.400 киловат часови електрична енергија, односно и до 13.000 денари. Иако вложувањето во делумна или целосна енергетска независност на домаќинствата може да доведе до намалување на постоечката потрошувачка на електрична енергија, македонската влада сеуште нема реализирано поопсежна кампања со која би се поттикнале граѓаните за искористување на благодетите на сонцето, ветерот, водата и биогасот.

 

 

 

 

Речиси идентично на владата, локалните самоуправи и надлежните агенции од оваа област најчесто се концентрираат во сферата на организирање медиумски кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните за мерките за штедење на енергија, како и на организирање манифестации со излагање на експерти од оваа област, оставајќи им на банките да бидат единствени субјекти кои би им обезбедиле средства на домаќинствата и на претпријатијата за овие намени. Според регистарот на Народната банка, во земјава постојат 17 банки, вклучувајќи ја Македонската банка за поддршка на развојот, кои пласираат десетици видови заеми за физички и правни лица. За жал, насочувајќи се кон кредити за Нова година, апсолвентски екскурзии и шопинзи, деловните банки забораваат на насочувањето на својот капитал кон реализација на зафати кои би им овозможиле на граѓаните намалена консумпција на енергија, а на државата помал увоз на скапа струја од странство.

 

Само четири македонски банки нудат кредити за индивидуи кои се наменски насочени кон подобрување на енергетската ефикасност или ползување на обновливите извори на енергија. Комерцијална банка на физичките лица им нуди заем во износ до 300.000 денари, со намена за замена на прозорци и надворешни врати, вградување термо – изолационен материјал на ѕидни, подни и кровни површини, модернизација на системи за ладење и греење во станбени објекти и купување на енергетски ефикасни уреди за домаќинството и бела техника. Рокот на отплата на кредитот изнесува пет години, номиналната каматна стапка е позиционирана на 8,5% на годишно ниво со денарска клаузула, додека годишната стапка на вкупни трошоци е проектирана на 9,41%.

 

 

 

 

Слична понуда за граѓаните е достапна и кај Алфа банка, која неодамна го промовираше новиот Енергетски зелен кредит, со кој се нудат можности за вложување во подобрувањето на енергетската ефикасност во домаќинствата. Заемите се во висина од 200 до 10.000 евра и се наменети за поставување на соларни системи за производство на топла вода, нови врати и прозорци кои би ја подобриле топлинската изолација, иновативни системи за греење и ладење, кровна изолација и вградување други системи кои ги користат обновливите извори на енергија. Оваа банка го одобрува еколошкиот кредит со шест месечен грејс период, фиксни камати за првата година од 4,4% за износи во евра и 7% за денарски износи, без трошоците за аплицирање и провизија.

 

Покрај пласманот на заеми за физички лица, две македонски банки ги нудат своите услуги и на заинтересираните компании. ПроКредит банка подолг временски период нуди заеми во согласност со потребите на секој одделен проект од граѓаните, при поставување на нова изолација на надворешните ѕидови, покрив или поткровје, инсталација на ефикасни врати и прозорци, гипсена термо – изолација, замена на греач, бојлер или електричен котел за топла вода, инсталирање на централни грејни тела, поврзување со реонски системи за затоплување, ефикасен клима уред, соларно греење, бојлер на биомаса, осветлување, како и енергетско ефикасни апарати за домаќинството.

 

Со ЕКО кредитите на оваа банка, индустрискиот, земјоделскиот и транспортниот сектор може да вложуваат во подобро искористување на обновливата енергија, високо ефикасни електромотори, енергетско – ефикасни машини за производство, нови компресори за воздух, ефикасни системи за осветлување во индустријата, подобрување на системите за ладење и греење на просторот, подобра употреба на енергијата, индустриски возила на био погон и технологија за регулација на потрошувачката на енергија. ПроКредит банка нуди намалени каматни стапки до 2% и рок на отплата на заемот до 15 години, во зависност од висината на потребните финансиски средства, намената и субјектите кон кои се насочени.

 

Малата заинтересираност за македонските банки за вложување во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија се заокружува со понудата на Халкбанк за физички и правни лица. На граѓаните им се достапни износи во висина до 100.000 евра за промена на топлинска изолација, врати и прозорци, нови системи за греење, соларно – термички системи за топла вода, спроведување на топлина преку нови електрични пумпи на системи за греење, внатрешен и надворешен систем за осветлување, поставување на соларни панели, како и конверзија на природен гас и други обновливи извори за користење на енергија. Номиналната каматна стапка за кредитот изнесува 7%, додека годишната стапка на вкупни трошоци се движи помеѓу 7,66 и 11,33%. Временскиот период на отплата на подигнатите средства е променлив, со максимален рок од 84 месеци.

 

Оваа банка во своето портфолио го има вметнато и Еко плус кредитот за приватни трговски друштва, кој е наменски насочен кон проектите во доменот на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и намалување на испуштањето на јаглерод диоксид. Висината на заемот кон компаниите изнесува до 500.000 евра, со каматна стапка од 7% на годишно ниво, 1% за надомест на обработка на апликацијата, грејс период до 6 месеци и рок на враќање на средствата до 84 месеци. Преку деловните банки во земјава постои можност за пласирање на финансиски средства во максимален износ од 500.000 евра од страна на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) за искористување на природните ресурси при добивањето енергија, ефикасна употреба на електричната енергија, како и грижа за животната средина. Каматните стапки се променливи, а рокот за поврат е до 6 години. Средствата се одобруваат само за нови проекти, при што МБПР учествува со 60% од вредноста, 30% отпаѓа на деловната банка – учесник и 10% на заинтересираниот субјект.

 

Македонските штедилници во сопствените понуди за кредитно задолжување ги немаат вклучено вложувањата во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, а единствено здружението Хабитат Македонија, во соработка со УСАИД и неколку локални самоуправи, е активно во спроведувањето на проектот Енергетска ефикасност за секторот домување. Договорена е помош од страна на здружението во реконструкцијата на станбени објекти со натпросечна потрошувачка на енергија, меѓу другото со овозможување на поволни кредити за станарите со пониски приходи кои се населени во овие згради.

 

На македонскиот пазар сеуште не се развиени доволен број на модалитети со кои би им се помогнало на граѓаните во насока на разумно производство и користење на енергијата, иако во развиените земји овие сектори прераснуваат во главна тема на интерес на јавноста и широко профитабилно поле за претприемништво. Нашата земја се наоѓа на европското дно, ако се земат во предвид параметрите за искористеноста на сонцето, ветерот, водата и биогасот во производството на енергија. Оттука, преземањето на позначајни мерки од страна на државата и локалните самоуправи, како и посветувањето на поголемо внимание од банките е единствениот начин за да се поттикнат граѓаните и компаниите за вложување во овие сектори.

 

 

Бојан Блажевски