Претходна статија
„Југохром“ ќе добие кредит за довршување на филтерската постројка
Следна статија
Кумановската болница наскоро со нов ургентен центар

ТЕМА: Меѓународните возови исчезнаа од картата на Балканот

Објавено на 20.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По Албанија и Босна и Херцеговина, нашата земја ќе постане третата европска земја низ која нема да сообраќаат меѓународни патнички возови. Железничкиот сообраќај од Македонија кон Грција и Србија најверојатно дека и во 2019 година ќе биде сведен единствено на еден воз дневно кон Белград и Солун, којшто ќе сообраќа во периодот од 14 јуни до 16 септември 2019 година. Првичните неофицијални информации од „Србија воз“ говорат дека досегашниот воз „Хелас експрес“ што ги поврзуваше Белград, Скопје и Солун дефинитивно ќе постане сезонски воз со ознаките „1334“ и „1335“ и ќе сообраќа само во текот на летниот период.

 

*Меѓународните возови веќе не можат да се сретнат на железничката станица во Скопје; Фото: Архива на „Билд“.

 

На тој начин, македонските граѓани и во текот на 2019 година ќе ја немаат можноста да патуваат со воз до европските метрополи, што како опција постоела уште од крајот на 19.век. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека превозот на патници во меѓународниот железнички сообраќај констатно опаѓал со текот на годините, но секогаш бил следен по одлуките на железниците од Македонија, Грција и Србија да го намалат или да ги укинат дотогашните експресни возови.

 

Статистичките податоци покажуваат дека во 2011 година со воз допатувале или отпатувале од Македонија вкупно 14.000 патници. Пред седум години, од Скопје кон Солун и Белград можело да се патува со два експресни воза, додека кон Ниш и црногорското пристаниште Бар сообраќал по еден воз дневно во текот на летниот период. Секојдневно се одржувал и меѓународен сообраќај кон Косово со по еден воз дневно кон Приштина. Сепак, ваквите податоци се драстично променети денес, кога не сообраќа ниту еден меѓународен воз кон Белград и Солун.

 

Колку за споредба, во меѓународниот железнички сообраќај во Македонија лани биле транспортирани само 5.000 патници. Од друга страна, ваквото намалување кај бројката на патници се должи и на фактот дека меѓународните возови кон Белград и Солун сообраќаа само делумно во текот на годината, и тоа по еден пар возови дневно. За жал, патувањето со воз на меѓународни релации низ Балканот постанува невозможно не само од Македонија, туку и од другите соседни земји. Албанија и Босна и Херцеговина веќе неколку години се отсечени од железничката мапа на Европа, па до нив не може воопшто да се стигне со меѓународен патнички воз.

 

Грција најверојатно и во наредната година ќе остане само на еден редовен воз кон странство на релацијата меѓу Солун и Софија, земајќи го предвид фактот дека релацијата од Солун до Скопје и Белград нема да биде опслужувана сите 12 месеци. Во лоша ситуација е и Бугарија, чија државна железница во моментов има три меѓународни воза дневно кон Истанбул, Солун и Букурешт. Веќе неколку години не сообраќаат возовите меѓу Белград и Букурешт, Белград и Софија, Сараево и Белград, Солун и Истанбул, а линија меѓу Солун и Љубљана е укината повеќе од една деценија.

 

Најновиот бран на укинувања на меѓународните возови доаѓа како резултат на серија од причини. Балканските држави со години наназад ги притискаат државните железнички претпријатија да ги намалат загубите во нивното работење, при што првиот чекор на самите раководства е да ги укинат оние линии што сообраќаат кон соседните држави. Во договарањето на возните редови често се бара од соседните железнички управи да ги покријат трошоците за користење на железничката инфраструктура и на вагоните од меѓународните композиции, чии издатоци растат од година во година. Следствено на ова, самите државни компании се соочија со ситуација во која меѓународните возови постануваат целосно неисплатливи за секојдневно одржување.

 

Српската државна компанија „Србија воз“ како причина за укинување на возот од Белград кон Скопје и Солун ја наведе економската неисплатливост на оваа железничка врска. Сепак, со едноставен преглед на возните редови може да се утврди дека меѓу Скопје и Белград сообраќаат по 10 автобуси дневно, заедно со дополнителни 2 авионски линии меѓу двата главни града. Слична е ситуацијата и кон Косово и Грција, кои се опслужувани со автобуски превоз. Првата железничка врска на Македонија со странство е пругата кон Солун, кон каде започнале да сообраќат возови во далечната 1873 година. 145 години подоцна, меѓународниот железничкиот сообраќај во Македонија со право може да се каже дека се наоѓа на слеп колосек.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk