Претходна статија
И во Охрид се следи стилот на „Скопје 2014“?
Следна статија
Македонските градежници за 4 месеци договориле градежни работи вредни над една милијарда евра!

ТЕМА: Малите хидроелектрани – големи шанси за приватниот бизнис

Објавено на 03.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Производството на електрична енергија од мали хидроелектрани постанува вносен бизнис за македонските и за странските компании. Само во изминатава недела, Министерството за животна средина и просторно планирање додели пет концесии на два приватни субјекти за изградба на вакви енергетски објекти. Зголемениот интерес за инвестирање во мали хидроелектрани може да се увиди и од статистичките показатели на Агенцијата за енергетика, каде што од месец во месец се впишуваат нови енергетски капацитети во Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

 

* Водниот потенцијал во служба на развојот на енергетиката

 

Во текот на вчерашниот ден, фирмата „Хидроген енерџи груп“ од Скопје се стекна со две концесии за користење на вода и изградба на две мали хидроелектрани на реката Жеровница. Во овој инфраструктурен проект е вклучен конзорциумот од две компании – „Фероинвест“ од Скопје и „Хидроген груп“ од Скопје, кои е планирано да инвестираат околу 2,5 милиони евра во изведба на двата објекти, со вкупна инсталирана моќност од 1.239 киловати. Истовремено, пред два дена беше потпишан концесиски договор помеѓу надлежното министерство и фирмата „Индиго Хидро Македонија“ од Скопје за изградба на три мали хидроелектрани на Маркова Река. Овој инвеститор планира да вложи 4 милиони евра во енергетските капацитети, кои ќе имаат вкупна инсталирана моќност од 1.752 киловати.

 

Како потврда на зголемениот интерес за инвестирање во ваков тип на енергетски објекти се и податоците на Агенцијата за енергетика, во кои може да се забележи дека за еден и пол месец се впишани дополнителни три мали хидроелектрани во националниот регистар. Заклучно со денешниот ден, на територијата на Македонија функционираат 47 мали хидроелектрани, со вкупна инсталирана моќност од 40,6 мегавати. Нивното планирано годишно производство на електрична енергија изнесува 20.344 мегават часови електрична енергија.

 

И покрај тоа што работата на овие енергетски објекти генерира скапа електрична енергија за домашниот пазар, малите хидроелектрани веќе земаат значаен удел во вкупното производство на електрична енергија. Колку за споредба, хидроелектраната „Козјак“ има инсталирана моќност од 80 мегавати и проектирано годишно производство од 150 гигават часови електрична енергија. Единствена непознаница меѓу сите овие статистички бројки што укажуваат на растечкиот интерес за инвестирање во мали хидроелектрани е нејзиното влијание врз идната цена на електричната енергија за домаќинствата. За поконкретни заклучоци во оваа насока, се чини дека ќе треба да поминат барем неколку години.

 

 

Бојан Блажевски