Уште во 2008 година земјите – членки на Европската унија се договорија за целосна замена на старите типови светилки, процес кој меѓу останатото предвидува поставување на ново енергетски ефикасно улично осветлување во сите европски градови. И додека во земјите од ЕУ овој процес се ближи кон својот крај, македонските градови се далеку од исполнувањето на оваа регулатива. Пехчево и Штип се единствените два града кои досега се решија и го спроведоа проектот за целосна промена на старото улично осветлување преку принципот на јавно – приватно партнерство.
Штип е првиот град во Македонија кој се одлучи целосно да ги замени старите улични светилки со 2.919 штедливи светилки, проект вреден 160 милиони денари. Локалната самоуправа пресметала дека градот ќе заштеди 2 милиони евра за улично осветлување во наредните 12 години. Речиси идентично на Штип, Пехчево реализираше комплетна промена на уличното осветлување во вредност од 36 милиони денари во текот на изминатото лето. Од пехчевската општина сметаат дека од општинскиот буџет ќе се заштедат и до 60% од финансиските средства наменети за потрошувачка на струја и останати пропратни трошоци.
Во Скопје сеуште не се целосно променети старите улични светилки, но градските власти веќе неколку години работат на овој проект. „Во изминатите две години врз основа на студијата за замена на уличното осветлување се заменети 5.500 живини светилки со натриумови светилки, согласно европските стандарди. Останатите улични светилки се менуваат сукцесивно и секоја прегорена живина светилка се менува со натриумова. Три илјади светилки ќе бидат заменети со натриумови сукцесивно со нивното прегорување, со тоа Град Скопје во целост ќе ги исполни европските регулативи“, истакнуваат за „Билд“ од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Градските власти во моментов работат и на нов начин за заштеда на електричната енергија преку проектот за управување на уличното осветлување, при што со истиот се предвидуваат дополнителни заштеди на струја од 7 до 10%.
Европската регулатива предвидува традиционалните светилки да заминат во историјата до 1 септември 2012 година. Новите штедливи и економични светилки ќе ги намалат буџетските трошоци за електрична енергија и промена на светилките на градовите, иако почетните трошоци за менување на уличното осветлување се поголеми од досега. Од друга страна, оваа регулатива ќе го намали притисокот врз енергетскиот систем во Европа. Прогнозите предвидуваат дека при целосна замена на старото осветлување со нови штедливи светилки на ниво на ЕУ до 2020 година ќе се заштеди електрична енергија колку што во моментов троши цела Белгија.
Бојан Блажевски