Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Бравурозното дело „Пошта - 1“ крвари од негрижа полни две години
Следна статија
Се продаваат парцели во зоната „Речани 2“ и на езерото Младост

ТЕМА: Македонија и Албанија без договор за автопатот од Коридор 8?!

Објавено на 21.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Има ли пилот во авионот? Ова стратешко прашање се поставува по потпишаните кредити од Македонија и од Албанија за изградба на неколку автопатски делници од патниот Коридор 8, кој треба да ги поврзе пристаништата Драч и Варна. Со кредит од кинеската Ексим банка во вредност од 374 милиони евра, нашата земја веќе ја стартуваше изведбата на автопатот од Кичево до Охрид во должина од 57 километри. Дополнително, Собранието на Република Македонија пред неколку дена го изгласа и подигањето на кредит во висина од 305 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, кој делумно ќе се искористи за изградба на автопатската делница од охридското село Требеништа до Струга во должина од 8,5 километри.

 

 

 

Градителската приказна би можела да се прогласи за успешна, ако се земе во предвид нашата досегашна стратегија за изведба на автопатот од Коридорот 8, кој би требало да завршува на постоечкиот граничен премин „Ќафасан“. Сепак, ладен туш дојде деновиве од Тирана со конечната вест за изградба на проектот „Патот на Арбр“, автопат кој од албанската метропола треба да се изгради до граничниот премин „Блато“ кај Дебар. Албанија потпишаа договор за остварување на оваа автопатска делница со кредит од кинеската Ексим банка. Со овој потег, наместо директното поврзување меѓу двете соседски земји, ќе се отвори нова непремостлива бариера поради различните стратешки интереси околу изградбата на патниот Коридор 8.

 

 

 

Со планираниот крај на автопатските делници на различни гранични премини, Македонија и Албанија успеаја да направат огромна грешка во инфраструктурното планирање. Нашата земја со години упорно лобираше за поврзувањето со западниот сосед кај граничниот премин „Ќафасан“, додека Албанија веќе неколку години ја фаворизира трасата од Дебар преку Националниот парк „Маврово“ директно до градовите Гостивар и Тетово.

 

Благодарејќи на различните стратегии, во моментов се создаде рашомонијада од проекти. Завршетоците на македонската и на албанската верзија на автопатското поврзување се градовите Струга и Дебар. Оддалеченоста меѓу овие населени места изнесува шеесетина километри и минува низ исклучително тежок планински предел, што ќе изискува огромни финансиски средства за целосна реализација на патниот Коридор 8.

 

Засега останува неизвесно како ќе се решава оваа стратешка грешка. „Билд“ постави неколку прашања до Министерството за транспорт и врски и до Јавното претпријатие за државни патишта, но и до албанското Министерство за транспорт и инфраструктура на оваа тема. До објавувањето на овој текст, ниту една од државните институции во двете земји не се одважи за да одговори како ќе се решат проблемите во пропустите со стратешкото планирање. Малубројни информации околу автопатското поврзување на Македонија и на Албанија кај Дебар за весникот „Дневник“ изнесе Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за државни патишта. Тој вели дека „се работи на проектирање за поврзување на граничниот премин Блато со Република Албанија“. Воедно, првиот човек на оваа институција најавува дека подетални информации за најавениот проект ќе има во 2015 година.

 

Покрај автопатот „Патот на Арбр“ кон Дебар, нашиот западен сосед во своите стратешки планови го има исцртано и автопатот „Виа Егнација“, кој од албанскиот град Елбасан оди кон југ, минува во близина на Охридското езеро и преку градот Корча се поврзува на исток кон Грција. Нашиот западен сосед веќе ја комплетираше изведбата на автопатската делница од Тирана до Елбасан во должина од 31,17 километри. Од овој град би одела трасата кон грчката граница, при што таа би минувала во близина на граничниот премин „Ќафасан“.

 

Покрај различното стратешко планирање, разногласието помеѓу Македонија и Албанија остава простор за мислење дека политиката ги има вмешано своите прсти во овој важен проект за двете земји. Со новиот автопат до граничниот премин „Блато“, градот Дебар ќе се поврзе со албанската метропола преку експресна врска во должина од само 72 километри. Изведбата на трасата преку Националниот парк „Маврово“ исклучително би ја намалила должината на автопатот од Тирана до градовите Тетово и Гостивар. Од друга страна, со автопатското поврзување кај граничниот премин „Ќафасан“, албанските општини во околината на Охридското езеро населени со македонско етничко население би добиле директна автопатска врска со нашата земја.

 

Македонија и Албанија во изминативе години одржаа серија билатерални средби на официјални државни делегации на кои се разговараше за Коридорот 8. За ова автопатско поврзување се бараа кредити од меѓународните финансиски институции, а повремено кон апелот за негова изградба се вклучуваа Италија и Бугарија како директно засегнати страни во проектот.

 

 

Бојан Блажевски