Зонското паркирање претставува цивилизациска придобивка за граѓаните од градовите, но само доколку се почитуваат стандардите за негово воведување и раководење. По речиси пет години од спроведувањето на идејата за воведување на зони за платен паркинг во Скопје, поголемите локални самоуправи од земјава речиси без исклучок го воведуваат овој систем во нивните средини. Куманово, Охрид, Прилеп и Струмица веќе го воведоа, Битола и Штип во моментов ги изготвуваат неопходните сообраќајни студии за овој проект, а најави за негова реализација пристигнуваат и од Тетово и Струга. Сепак, како и секој добар проект кај нас, зонското паркирање често се соочува со проблеми. Дел од општините се одлучија да го воведат во речиси секоја населба од градовите, да узурпираат дел од пешачките зони, да вложат минимални средства во замена за огромен финансиски прилив, да основаат претпријатија за партиски вработувања, но не и да ги решат бројните сообраќајни проблеми.
Локалните самоуправи треба да иницираат поголема соработка со стручниот кадар од македонските факултети пред да започнат со решавање на проблемите со паркирање во градовите, но не во форма на еднократна изработка на неопходни документи, туку преку континуирана експертска помош за надминување на проблемите од областа на сообраќајот. Од Техничкиот факултет во Битола напоменуваат дека биле вклучени во изработка на сообраќајни студии, но истовремено порачуваат дека постои скромен напредок кај македонските општини во обидите за соработка со оваа установа.
Општините Прилеп и Штип во изминатиов период пројавиле интерес за изготвување на сообраќајни студии од страна на Отсекот за сообраќај и транспорт при Техничкиот факултет во Битола. Оваа високообразовна установа досега имала соработка со „Градски паркинг“ од Скопје за воведување на зонското паркирање и елаборат за оправданост за воведување на овој систем во центарот на Скопје и со општина Битола во изработка на сообраќајна студија во однос на реализацијата на проектот за зонско паркирање во градот.
Професорката Кристи Бомбол од Отсекот за сообраќај и транспорт при Техничкиот факултет во Битола смета дека револтот кај граѓаните од воведувањето на зонското паркирање произлегува од недоволната информираност, како последица на општинска неажурност. „Нема јавност во работењето, во водењето на сообраќајната политика на градот, нема јавни расправи, кампањи, сериозен и професионален пристап. Доколку нема свои ресурси, локалната самоуправа треба да побара консултации, помош од експерти и да остварува тесна соработка со научно – истражувачките установи“, истакнува за „Билд“ професорката Бомбол. И покрај постоењето на негативни ефекти од зонското паркирање, таа нагласува дека придобивките од спроведувањето на ваквите проекти се значително побројни.
Предности од воведувањето на контролирани зони за паркирање имаат непосредните корисници, правните лица, но и самата урбана средина. „Градовите се соочуваат со зголемена потреба од решавање на сообраќајните проблеми и на управувањето со паркирање. Зголемениот обем на сообраќај ја наметнува потребата од означување на местата за паркирање покрај коловозите и на градските улици. Целта е да се избегне метежот којшто се создава при барање на слободно место за паркирање или при паркирање на градските улици“, констатира професорката Кристи Бомбол. Отпорот од граѓаните, високата цена на чинење на првиот час платено паркирање, поставувањето на информативни табли и податоци околу продажните места за паркинг-билети, загрозеноста на станарите од аспект на посета на пријатели и поплаките за намален промет на комерцијалните објекти се најчести негативни страни на зонското паркирање.
Рапиден раст на бројот на паркиралишта и гаражи во 2012 година
Минатата година е забележан значителен пораст на бројот на јавни површини за паркирање. Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија постојат 164 објекти за паркирање, со кои се обезбедени 16.474 паркинг – места. Катните гаражи осигуруваат 1.349 места за паркирање на граѓаните, додека во покриените гаражи има место за паркирање на 1.496 возила. Податоците се добиени од деловните субјекти што управуваат со јавните паркиралишта во македонските градови. Сепак, статистичките информации покажуваат дека дури 152 од вкупно 164 објекти за паркирање претставуваат отворени простори. Освен инвестирањето на минорен број на локални самоуправи, државата и на мал дел од стопанствениците, јавните претпријатија кои раководат со паркиралиштата досега не вложиле сопствени финансиски средства во изградба на капитален инфраструктурен објект од овој вид.
Јавните претпријатија молчат дури и за нивните планови за развој
Експертските мислења дека проектите за зонско паркирање треба да се имплементираат со поголема сериозност од јавните претпријатија се покажаа како точни и при изработката на оваа тема. Интернет – порталот „Билд“ достави идентични прашања до фирмите што управуваат со површините за паркирање во Скопје, Охрид, Прилеп, Струмица и во скопската општина Центар. За жал, не добивме одговори од ниту едно претпријатие во однос на нивните идни проекти во кои тие ќе инвестираат за натамошен развој на зонското паркирање и за досегашните придобивки на граѓаните од спроведувањето на овие проекти.
Експертите со цела листа идеи за подобрување на зонското паркирање
Професорката Кристи Бомбол наведува серија проекти што би можеле да се имплементираат во македонските градови за зголемување на придобивките од воведувањето на јавен паркинг со наплата. Изработката на концептуални документи од доменот на сообраќајот, следењето на европските практики и размената на искуства при креирањето на сообраќајните политики, имплементирањето на проекти за подигање на свеста на граѓанството за мобилност, безбедност и воведување алтернативни видови превоз, проекти за воведување на јавен градски превоз во градовите, проекти за изградба на пешачка и велосипедска инфраструктура и проекти за „смирување на сообраќајот“, донесувањето на акциски програми за безбедност на сообраќајот и за мобилност на лица со хендикеп и реализацијата на интелигентни транспортни системи претставуваат сериозни мерки што можат да доведат до остварување на придобивките од зонското паркирање во градовите.
Бојан Блажевски