Во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк, на 15 јули ќе се отвори изложбата „Кон утопијата на бетонот: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“. Славните југословенски архитекти со своите реализирани дела низ градовите од некогашна СФР Југославија ќе гостуваат на њујоршката изложба, која ќе се состои од 400 цртежи, фотографии, видео записи од градски архиви, приватни и музејски колекции од Југославија. Архитектурата на постземјотресно Скопје ќе биде претставена со „Телекомуникациски центар и шалтер сала на ПТТ“ на македонскиот архитект Јанко Константинов.
*Макета на Телекомуникацискиот центар и шалтер салата на изложбата „Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје“
Изложбата во Њујорк ќе го претстави творештвото на Богдан Богдановиќ, Светлана Кана Радевиќ, Едвард Равникар, Вјенцеслав Рихтер, Јурај Неидхард, Милица Штериќ и други архитекти. Во рамките на настанот ќе се даде осврт кон изведбата на големите градителски проекти од тој период, вклучувајќи ја изградбата на Нов Белград и постземјотресната обнова на Скопје. Изложбата ќе биде отворена за њујоршката публика во периодот од 15 јули 2018 до 13 јануари 2019 година.
Настанот е во организација на главниот кустос за архитектура и дизајн на МоМА Мартино Стилери, додека кустос гостин е Владимир Кулич.