Министерството за транспорт и врски преку Јавното претпријатие за државни патишта го заврши осветлувањето на тунелот на автопатот од Скопје кон Велес, кој е лоциран пред Велес. Со зафатот беше инсталирано осветлување со ЛЕД светилки во самиот тунел, но исто така во неговата близина. Воедно, поставена е соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација. Изведувачот веќе ги комплетираше работите и за осветлување на тунелот кај Катланово на автопатот Скопје – Велес. Најдоцна до октомври годинава ќе биде завршен со осветлување и третиот тунел на делницата Велес – Катланово.
Со овој проект финансиран од државниот буџет се опфатени седум тунели на значајни патни правци низ земјава. Покрај вкупно четири тунели на автопатот меѓу Скопје и Велес, со зафатот ќе се осветлат тунелот Блаце, тунел на патот Градско – Прилеп и тунел кај Битола. Вкупната вредност на проектот изнесува 23,4 милиони денари. Изведбените работи е предвидено да се комплетираат до крајот на 2016 година, а ги извршува фирмата „Синтек“ од Скопје.