Македонија ќе се задолжи со 83 милиони евра за изградба на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, кој ќе се состои од по две коловозни ленти во секој правец. Тендерот за избор на градежна компанија ќе биде распишан наскоро, а очекувањата на министерот за финансии Зоран Ставрески се дека изведбата ќе почне претстојната пролет. Вкупната должина на оваа патна делница изнесува 26,5 километри. Предвидено е експресниот пат целосно да се заврши најдоцна до 2019 година. Заемот е со грејс период од 8 години, а рокот за негово враќање е 28 години.
* Постоечкиот магистрален пат кон Крива Паланка
Експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка претставува дел од патниот Коридор 8, за кој македонската влада во февруари 2012 година одлучи дека наместо автопат, треба да изгради патна врска од понизок ранг. Фирмата „ДИВИ Македонија“ презеде обврска во јуни 2014 година да ја изработи проектната документација за патната делница кон Бугарија. Плановите се постојниот магистрален пат да се реконструира, додека во еден негов сегмент ќе се изгради целосно нов пат.