Претходна статија
Автопатот Кичево - Охрид ќе се гради до 31 јуни 2021 година
Следна статија
Македонија може да биде тужена во Лондон поради одземање на концесијата за рудникот Казандол

Светиклиментовиот универзитет на Плаошник му донесе кривична пријава на Паско Кузман

Објавено на 22.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И по осум години од почетокот на изградбата на Светиклиментовиот универзитет, на охридскиот локалитет Плаошник не се завршени во целост планираните објекти од овој комплекс. Сапунската серија околу изведбата на овој проект денеска ја збогати Финансиската полиција, која што поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман и против уште едно лице од хрватската градежна фирма „Конструктор Инженеринг“. Управата за финансиска полиција ги терети двете лица дека го оштетиле државниот буџет во вкупен износ од 34 милиони денари.

 

 

Според поднесената пријава, директорот Паско Кузман во 2010 година склучил договор со сплитската компанија за изградба на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, иако од оваа фирма не била доставена банкарска гаранција за квалитетно извршување на работите. Хрватскиот државјанин, во својство на одговорно лице на фирмата, за да се стекне со противправна имотна корист доставил времена ситуација и градежна книга со невистинита содржина, во која лажно прикажал дека на објектот биле набавени материјали и извршени градежни работи во износ од 19 милиони денари.

 

Поранешниот директор Паско Кузман тоа го дозволил, со тоа што не го раскинал договорот, иако бил должен да го направи тоа. Тој не ја активирал обезбедената банкарска гаранција за понудата во висина од 240.000 евра, со што дополнително е оштетен државниот буџет. Управата за заштита на културното наследство го раскина договорот со хрватската фирма во јуни 2012 година, по речиси две години од почетокот на изградбата на Светиклиментовиот универзитет. Од управата во 2012 година склучиле нов договор за изведба на планираниот комплекс со охридската фирма „Митан Пром“.

 

Камен – темелникот на овој комплекс во Охрид беше поставен на 8 септември 2010 година. Првичното ветување беше дека неговата изградба ќе заврши до 2014 година, по што крајниот рок за изведба на градежните работи со години се одолговлекуваше.