Претходна статија
Скопскиот Клинички центар од денеска се затоплува на гас
Следна статија
На пругата од Битола кон Грција се превезуваат неисполнети ветувања

Свети Николе и Пробиштип се поврзаа со нов регионален пат

Објавено на 10.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески го пуштија во употреба новиот регионален пат Свети Николе – Пробиштип во должина од 28 километри. Регионалниот пат има две коловозни ленти и ширина на коловозот од 5,5 метри. Сегментот од патот што досега претставуваше земјен коловоз е асфалтиран, додека оштетените асфалтни делници се реконструирани. Рехабилитација на постоечкиот коловоз е извршена од приклучокот кај Свети Николе до селото Немањица, додека нов пат е изведен на потегот помеѓу селата Мечкуевци и Куково. „Растојанието помеѓу Свети Николе и Пробиштип ќе се скрати за околу 25 километри, што освен за жителите, е предност и за развој на економијата во двата града“, изјави премиерот Никола Груевски.

 

Долж целата траса е поставена неопходната хоризонтална и вертикална сигнализација за безбедно одвивање на сообраќајот. Од државниот буџет за овој проект беа издвоени финансиски средства во висина од 52 милиони денари, а за неговата реализација беше одговорна Агенцијата за државни патишта. Во изминатите месеци од годинава се изведени 63 локални патишта со должина од 100 километри, а до крајот на 2013 година треба да се завршат уште 35, со вкупна должина од околу 50 километри. Во делот на регионалните патишта, годинава се комплетирани 69 километри, додека во моментов се работи на дополнителни 65 километри од разни делници во земјава. Премиерот Груевски денеска го стави во функција и реконструираниот мост што го поврзува селото Ногаевци со Градско, инвестиција во вредност од 14 милиони денари.