Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета на општина Дојран ги потсети локалните администрации дека државата има на располагање над 100 милиони евра за реализација на зафати од областа на водоводната и канализационата инфраструктура. Тој повтори дека е неопходно да се достават ревидирани проекти до владата, по што би следувала постапка за избор на оние зафати што ќе се реализираат со обезбедените средства. „Секоја општина да си утврди приоритетни проекти, а ние ќе им помогнеме за нивна реализација“ изјави министерот Сугарески.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
Покрај планираните 100 милиони евра наменети за водоводна и канализациона инфраструктура, министерот Горан Сугарески нагласи дека дополнителни 70 милиони евра ќе бидат инвестирани од владиниот буџет во изградба и реконструкција на локалните патишта низ земјава. При денешната средба со градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов, тој се увери во степенот на реализација на постојните инфраструктурни проекти што се градат на територијата на оваа локална самоуправа.