Од Буџетот на Министерството за транспорт и врски догодина е предвидено да се одвојат 430 милиони денари за субвенции за Македонски железници – Транспорт. Како што денеска информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, овие средства ќе бидат наменети за покривање на загубите од превозот на патници во железничкиот сообраќај. Главното прашање што се поставува е дали финансиите за покривање на загубите за патничкиот сообраќај ќе имаат некаков ефект и ќе овозможат бенефит за граѓаните, кои всушност го полнат државниот буџет за да имаат брз, редовен и ефикасен железнички сообраќај.
*Државата ги покрива загубите од патничкиот сообраќај, но нема доволно возови за превоз на граѓаните
Проблемот со којшто се соочуваат граѓаните е што железницата има загуби, но нема вистински патнички сообраќај. Македонски железници веќе неколку години наназад сообраќа со по еден пар возови дневно кон половина од дестинациите – Кичево, Кочани и Приштина, со што на граѓаните од Скопје и градовите од внатрешноста им е оневозможено да патуваат редовно со воз. Во моментов кон Кичево сообраќа само еден воз од 16:50 часот, додека кон Кочани има превоз во 16:40 часот. Доколку сакате да патувате со воз кон оваа дестинација, тогаш не можете истиот ден да се вратите назад кон Скопје.
Македонски железници – Транспорт на 6 август годинава привремено го укина и експресниот воз „Пелагонија експрес“ на релацијата Скопје – Битола – Скопје, но истиот не сообраќа до денешен ден. Поради тоа, во моментов меѓу Скопје и Битола сообраќааат само три воза дневно. Со само два воза дневно се оставени и граѓаните што патуваат кон Гевгелија, а од оваа есен е укинат и експресниот воз од Скопје за Белград и Солун. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите шест месеци од 2018 година со воз патувале само 280.000 патници во внатрешниот и меѓународниот железнички сообраќај.
Поаѓајќи од значителните средства што ќе се издвојат за покривање на загубите од железничкиот превоз, прашањето е дали Македонски железници – Транспорт ќе понуди поголем број линии за превоз на граѓаните во 2019 година, или, пак, издвоените средства од македонската влада ќе завршат за редовна исплата на плати за вработените.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk