Претходна статија
Пругата од Бељаковце до Крива Паланка доби амин од Европа
Следна статија
На продажба парцели за индустриски објекти во Неготино

Субрата Рој не се откажува од парцелата на плоштадот „Македонија“

Објавено на 12.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Што ќе се случи со градежната парцела на плоштадот „Македонија“ ако Субрата Рој не се одлучи да го гради спомен – обележјето на Мајка Тереза? Ова прашање се поставува откако Министерството за земјоделство неодамна ја активираше банкарската гаранција од околу 3 милиони евра поради неисполнување на обврските од договорот за преземање на комбинатот „Џумајлија“ од индискиот инвеститор. Компанијата „Сахара груп“ денеска излезе со соопштение во кое се напоменува дека се комплетирани подготовките за споменикот на Мајка Тереза, кој е планирано да се постави на пешачкиот коридор помеѓу хотелот „Мериот“ и идниот хотел на грчкиот милијардер Деметрис Кондоминас  [»мапа].

 

* Спомен – плочата го чека споменикот од Субрата Рој

 

 

За разлика од банкарската гаранција за комбинатот „Џумајлија“, не се знае на кој начин државата ќе реагира ако не се изгради ветеното обележје на Мајка Тереза. Министерството за култура со одлуката за подарување донесена минатото лето ја префрли сопственоста на земјиштето со површина од 621 метри квадратни на индиската компанија „Сахара глобал“. Инвеститорот треба на подарената парцела да подигне спомен – обележје со максимална висина од 32 метри, но не е јасно што ќе се прави со атрактивното земјиште ако евентуално не се реализира ова здание. И покрај денешното соопштение од „Сахара груп“, засега нема податоци за планираниот изглед на споменикот, неговиот автор, компанијата каде што истиот се изработува, ниту пак е обелоденето името на градежната фирма што ќе го постави.

 

Спомен – плочата за изведба на најавеното обележје на Мајка Тереза беше поставена во јануари 2013 година од страна на македонскиот премиер Никола Груевски и индиецот Субрата Рој. Овој милијардер веќе неколку месеци се наоѓа во индискиот затвор Тихар поради обвинението за измама на инвеститори.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан  Блажевски