Градската администрација на Скопје распиша тендер за изработка на студија за концесија и друга потребна документација за изградба на подземни пешачки премини во градот. Со студијата пред се би се утврдиле можностите за изведба на премини на неколку локации проблематични од аспект на постоечките подземни инсталации, како и начинот на концесионирање и евентуалното учество во проектот на закупците на деловен простор кој би се изградил во склоп на премините. Заинтересираните субјекти за изработка на студијата треба да ги достават своите понуди најдоцна до 07.02.2011 во просториите на градот.
Градоначалникот Коце Трајановски во предизборната кампања ветуваше изградба на повеќе подземни премини од кои барем два требаше да почнат да се градат до крајот на 2009 година. Помеѓу најавените премини беа и два на улицата Димитрија Чуповски, едниот по оската на улица Македонија, а другиот кај Министерството за образование. Овие премини ќе бидат опфатени и со новата студија. Останува нејасно зошто се опстојува на идејата за нивна изградба, кога со урбанистичките планови се планира улицата Димитрија Чуповски или да биде подземна, или да се затвори за сообраќај, а за сметка на тоа да се реализира булеварско решение за улицата Даме Груев.
Моментално во Скопје функционираат само три подземни премини и пет пешачки натпатници. Два од подземните премини се наоѓаат на булеварот Александар Македонски, а еден на булеварот Кузман Јосифовски – Питу. Под Јужниот Булевар постои уште еден премин кој е остаток од старата железничка станица, но тој е затворен за граѓаните. Пешачки натпатници има на булеварите Гоце Делчев, Никола Карев, Цветан Димов, Партизански одреди и најновиот кој сеуште не е официјално отворен, но сепак се користи, на булеварот Крсте Петков Мисирков.