По долги години чекање за државата да го реши на проблемот со водоснабдувањето, Општина Студеничани ќе се обиде да пронајде приватен инвеститор за изградба на овој инфраструктурен зафат. Локалната самоуправа објави оглас за изработка на физибилити студија за оправданост од воспоставување на договор за јавно – приватно партнерство за овој зафат. Идејата на општинските власти е на идниот инвеститор да му се овозможи изградба на четири мали хидроелектрани на Салаковска река, чија моќност би изнесувала 780 kW. За возврат, приватниот инвеститор би го изградил доводниот цевковод до селото Вртекица и главниот цевковод со придружни објекти.
Советодавниот документ треба да се изработи во рок од 60 дена од денот на склучување на договорот со најповолниот понудувач. Консултантските компании имаат рок до 5 март за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка. По разгледувањето на заклучоците од физибилити студијата, Општина Студеничани ќе пристапи кон распишување на јавен повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на водоводот во Студеничани. Со овој проект би се решил проблемот со водоснабдувањето на неколку села, вклучувајќи ја и викенд населбата околу манастирот Пеленице.
Општина Студеничани е една од локалните самоуправи што припаѓаат на скопскиот регион. Иако се оддалечени на 15 километри од центарот на Скопје, неколку населени места од оваа општина не е изградена водоводна мрежа, иако питката вода од планината Китка се наоѓа во нивната непосредна близина.