Претходна статија
Тендерот за пругата Бељаковце - Крива Паланка до крајот на годинава
Следна статија
Стопирана изградбата на катната гаража кај Автомакедонија

Студенчишко блато во опасност од идејата за изградба на марина на Охридското езеро

Објавено на 25.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Канал Студенчишта (извор: Општина Охрид)И официјално, новата марина на Охридското езеро ќе се гради на потегот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“, локацијата каде што во моментов се наоѓаат некои од најатрактивните охридски плажи. Планирано e проектот да се оствари преку јавно – приватно партнерство. Оваа одлука доаѓа по средбата на охридскиот градоначалник со претставници на Охридската капетанија и со службите од Министерството за транспорт и врски. Покрај простор за чамците и јахтите, во марината ќе има и придружни објекти, кои би му донеле профит на инвеститорот.

 

Локалната самоуправа ја оправдува причината за изведбата на марината на оваа локација со фактот дека слично место за изградба на овој објект не постои долж Охридското езеро. Истовремено, од општина Охрид не соопштија што ќе биде со Студенчишко блато како заштитен споменик на природата. Овој вреден сегмент од биодиверзитетот на Охридското езеро се наоѓа токму на локацијата каде што е зацртано да се гради идната марина. За заштитениот дел на Студенчишко блато веќе се направија серија на студии, кои предвидоа дека просторот претставува строго заштитена зона, на која е забрането да се гради каков било објект од цврста градба.

 

Како реакција на ваквата одлука, професорот Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод денеска му испрати писмо на охридскиот градоначалник, како реакција на донесената одлука. Според него, ваквиот потег би претставувал катастрофална грешка, затоа што изградбата на марината би го уништила природното живеалиште на голем број растителни и животински видови. „Марина се гради секогаш и секаде, блато не можете ниту Вие ниту кој и да е да изгради. Тоа е „изградено“ пред милениуми, пред да го има и Охрид. А денеска со еден збор ќе се уништи цел еден екосистем за да се задоволат желбите на стотина сопственици на бродови, глисери и јахти“, се наведува во реакцијата на професорот Трајче Талевски.

 

Пред два месеци, Општина Охрид објави Конкурс за избор на архитектонско – урбанистички проект за заштитениот дел на Студенчишко блато. Засега останува нејасно што поточно ќе се „проектира“ во рамките на овој заштитен споменик на природата.

 

 

Бојан Блажевски