Со свеченото отворање на овогодинешното издание на Охридско лето, беа и официјално промовирани новите сцени на Античкиот театар и на Долни Сарај во старото градско јадро на Охрид. По 53 изданија на најреномираниот фестивал на територијата на нашата држава, настапите на уметниците за прв пат ќе се реализираат на сцените на кои се изведени нови покривни конструкции, со што тие се заштитени од надворешни атмосферски влијанија. Во изминативе месеци паралелно се изведуваа покривните конструкции на Античкиот театар и на Долни Сарај, со што се овозможи непречено одвивање на програмата на Охридско лето.
Н.У. Завод и Музеј – Охрид вложи вкупно 14.608.760 денари (околу 240 илјади евра) за изградба на монтажното покривање на двете сцени, обезбедени од буџетот на Министерството за култура. Изведувач на градежните работи беше МЗТ Инженеринг од Битола.