Со шестнаесет градежни парцели наменети за изградба на индустриски објекти ќе се стимулира економскиот развој на Струмица. Локалната самоуправа објави оглас за продажба на градежни парцели со површина од 1.271 до 61.846 метри квадратни, на кои се предвидени лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта. Вкупната површина на земјиштето изнесува 101.398 метри квадратни, кое на електронското јавно наддавање ќе се понуди по цена од 61 денари за метар квадратен. Од општината очекуваат дека по оваа основа во локалниот и во државниот буџет ќе се слеат над 100 илјади евра.
Заинтересираните купувачи треба да ја достават пријавата, заедно со неопходната документација, за учество на електронската лицитација најдоцна до 11 август. Јавното наддавање ќе се одржи на 14 и 15 август. По купувањето на земјиштето, инвеститорите ќе имаат рок од девет месеци, односно 12 месеци за парцелите поголеми од 5.000 метри квадратни, да обезбедат градежни дозволи за индустриските објекти. Тие ќе треба да ги завршат зацртаните градби во рок од 10 години од добивањето на одобрението за градење.