Општина Струмица деновиве го заврши проектот за изградба на ободен канал во населбата Турско маало, со кој се решава долгогодишниот проблем со поплавувањето на одредени делови од градот при обилни дождови. Инфраструктурниот објект ги опфаќа атмосферските води од досега нерегулираните порои, кои зафаќаат површина од 81 хектари. Ободниот канал беше проект на Владата на Република Македонија, која во 2006 година го прекина неговото финансирање. Од буџетот на Општина Струмица за овој проект беа издвоени 600.000 евра.
* Извор на фотографија: Општина Струмица
„Се работи за ободен канал, којшто решава дел од пороите над градот Струмица“, изјави струмичкиот градоначалник Зоран Заев за време на пуштањето во употреба на објектот. Тој додаде дека е поставена нова и е реконструирана постоечката фекална, атмосферска и водоводна мрежа во населбата Турско маало, а хортикултурно е уреден и е осветлен просторот каде што се наоѓа ободниот канал.