Градежната фирма „Илинден“ од Струга е избрана за да ја изведува реконструкцијата и надградбата на главната сообраќајница во градот. Проектот вклучува обнова на коловозот на улицата „Пролетерски Бригади“, заедно со изведба на два нови кружни тека, на потегот од раскрсницата со магистралниот пат Струга – Ќафасан до улицата „Маршал Тито“ во строгиот центар. Од општинскиот буџет за оваа намена се обезбедени околу 40 милиони денари. Со градежниот зафат ќе се изведе и атмосферска канализација и ново улично осветлување.
*Раскрсницата меѓу улиците „Пролетерски Бригади“ и „Маршал Тито“ на влезот во чаршијата
Реконструкцијата и надградбата на улицата „Пролетерски Бригади“ во Струга треба да се заврши до почетокот на 2019 година. Тендерската постапка за избор на најповолен понудувач беше објавена кон средината на март годинава од страна на Општина Струга.