Собранието на Р.М. на 30-тата седница го донесе Законот за урбано зеленило, со кој се предвидени строги мерки за заштита на зелените површини при изработката на идни урбанистички планови, но и при изградба на нови објекти. Законот предвидува идните Генерални урбанистички планови за градовите да го запазуваат стандардот од 25 метри квадратни зелена површина на еден жител. Во случајот на Скопје, тоа би било двојно повеќе зеленило од постојните површини во градот, кои во самиот законски текст е пресметано дека изнесувале 12,17 метри квадратни по глава на жител во текот на 2011 година.
*Центарот на Скопје, Чаир, Шуто Оризари и дел од другите општини ќе се најдат пред сериозен предизвик со новиот закон
Законското решение може во целост да ја смени досегашната практика за изградба на нови објекти низ македонските градови. Имено, со законот се предвидува најмалку 20% од градежната парцела за планираните објекти да претставува зеленило, во зависност од локацијата, намената и големината на градежната парцела. Но, инвестирањето во зеленило ќе биде задолжителна обврска и за сите оние објекти што се веќе изградени, а имаат процент на зеленило помал од 20% на самата парцела.
„На градежните парцели со веќе изградени објекти, каде не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина од ставот (1) на овој член, се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади“ се наведува во членот 20 од донесениот закон. Овој дел од законот ќе има последици за оние сопственици на станбени и други видови зданија изградени во последниве неколку години, особено на локации со згуснати објекти, како што е случајот со скопската населба Дебар Маало. Вториот став од членот 20 означува дека во веќе изградени објекти ќе мора да се инвестираат дополнителни финансии за дрвореди и зеленило во жардињери или, пак, во кровни тераси и фасади.
Со новото законско решение се предвидени казни за оние што ги изработуваат урбанистичките планови. Глоба во висина од 2.000 до 5.000 евра е предвидена за фирмата што ќе изработи ДУП со помалку од 20% зеленило на секоја градежна парцела, додека дополнителни 30% од одмерената глоба ќе треба да плати и одговорното лице во проектанското биро. Со законското решение се обврзуваат државните институции и локалните самоуправи во земјава да инвестираат за обезбедување на стандардот од 25 метри квадратни зеленило по жител во донесените ГУП-ови.
Покрај паричните казни за урбанистите и архитектите, се чини дека најголем губитник од новите законски решенија ќе бидат сопствениците на градежно земјиште. Заедно со инвеститорите, тие во изминативе години се обидуваа до максимум да ги искористат парцелите за подигање на нови објекти со поголеми површини, без да се води сметка за вклучување на зеленило во рамките на самиот проект.
Со Законот за урбано зеленило се предвидува обврска за изработка на зелен катастар на сите урбани површини, односно попис на целото зеленило во општините, по број, вид и состојба. Пред речиси две години, беше донесен Закон за зеленило од претходниот состав на Собранието, но тој не содржеше строги членови за заштита на зеленилото во урбаните средини.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk