Претходна статија
Резиденцијалниот комплекс „Соравиа Ресорт“ наскоро ќе ги дочека првите станари
Следна статија
Фабрика во вредност од 20 милиони евра ќе се гради во индустриската зона „Жабени“

Странските инвеститори се повлекуваат од „Чебрен“ и „Галиште“?

Објавено на 22.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Кинескиот конзорциум CWE и грчката PPC се повлекуваат од изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“, јавува телевизија „Алфа“. Според првичните неофицијални информации, причината за откажување на грчкиот заинтересиран субјект е недостигот на финансиски средства кои би ги вложил во предвидениот проект, додека кинескиот конзорциум се откажува бидејќи не успеал во договарањето со владата за гарантиран откуп на електрична енергија од страна на државата, која би се произведувала во долгонајавуваните хидроелектрани. Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски излезе со став дека сеуште се подготвува извештајот за тендерот и притоа новинарските информации ги нарече шпекулации. „Ние ќе почекаме Тендерската комисија да се изјасни околу самите понуди“, истакна Пешевски.

 

* проектите за децениските ветувања за изградба на хидроелектраните сеуште само на хартија

 

 

Доколку се остварат неповолните информации, пред плановите за конечно започнување на овие два стратегиски енергетски објекти се појавуваат нови неизвесности. Државата целокупната надеж за изградба на хидроелектраните ја гледаше во последниот тендер, на кој му беше продолжен крајниот рок за доставување на понудите за 4 месеци. Министерот за економија Ваљон Сарачини пред 20 дена излезе со оптимистичка изјава за ветуваниот проект. „Верувам дека пролонгираниот рок до 15 декември за јавниот повик за нивна изградба ќе биде и конечен и оти ќе завршиме со фамозниот проект кој датира од пред 40 години“, истакна тогаш Сарачини. На последниот обид за пронаоѓање на странски инвеститор му претходеше и претквалификациона фаза, која значително ја одолговлечи постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“.

 

 

Бојан Блажевски