Претходна статија
Распишан тендерот за купување на 150 товарни вагони
Следна статија
Скопскиот Клинички центар ќе се грее на гас

Странски консултанти ќе одлучат дали новиот театар „Центар“ ќе го гради приватен инвеститор

Објавено на 18.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Замислата за изградба на нов театар „Центар“ на локацијата на досегашното седиште на МНТ [»мапа] добива на динамика. Паралелно со изработката на проектната документација за идната културна установа, Министерството за култура склучи договор со консултантската компанија „Грант Торнтон“ за изработка на физибилити – студија со која ќе се утврди оправданоста од воспоставувањето на јавно – приватно партнерство за изградба на новиот објект, но и за консултантски услуги за посредување во процесот на доделување на договорот. За извршување на овие услуги, фирмата ќе добие 10.266 илјади денари или над 160 илјади евра. Договорот е потпишан пред еден месец, а физибилити студијата треба да се изработи во рок од 160 денови. Сознанието за тоа дали е оправдано да се гради идниот театар „Центар“ заедно со приватен партнер ќе биде познато во речиси идентичен период со комплетирањето на основниот проект за објектот, кој го изработува „Монтимпекс – Инженеринг“ од Скопје. Претстојната есен ќе се знае дали и кога ќе се распише огласот за избор на приватна компанија што ќе го гради објектот со приземје и 10 ката.

 

 

* победничкото идејно решение на архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи – Пуља, заедно со соработниците Никола Стрезовски, Саша Тасиќ, Бетим Зекири и Бесијан Мехмети

 

 

Во владините планови е зацртано новото театарско здание да биде пуштено во употреба во 2015 година. Во согласност со урбанистичкиот план, 51% од објектот ќе биде наменет за културни дејности. Ако министерството се одлучи за јавно – приватно партнерство, тогаш приватната компанија ќе треба да го изгради објектот, при што ќе ја задржи сопственоста на дел од предвидената површина од 30.945 метри квадратни. Идејното решение за овој објект е изработено уште во 2009 година, а со преселбата на актерите во новиот објект на Македонскиот народен театар се отвора можноста за негова реализација.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект