Македонските градежници сметаат дека домашната економија се придвижува преку развој на градежниот сектор. Очекувањата се дека владините инфраструктурни објекти, оние што во моментов се реализираат и оние што допрва ќе се градат, ќе го засилат растот во градежништвото во наредниот период. Според податоците на Стопанската комора на Македонија, градежништвото во македонската економија во третото тримесечје од 2015 година учествувало со 11,3% од вкупниот бруто – домашен производ. Градежниците планираат да се оствари просечната реална стапка на раст на нивниот сектор од 7,5% во периодот 2015 – 2017 година.
„Евидентно е дека создаваме кадар способен за изведба на големи инфраструктурни проекти што досега не беше случај. Компаниите веќе располагаат и со современа опрема, на многу високо техничко ниво“ оценува претседателот на Здружението на градежништвото Андреа Серафимовски. Од Стопанската комора на денешната прес – конференција појаснија дека највисока стапка на слободни работни места од 2,69% има во градежниот сектор, но истовремено просечната исплатена нето плата на вработените е помала за околу 13% од нето платата исплатена на ниво на државата.
Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека развојот на градежништвото повлекува раст на околу 25 други стопански гранки. На територијата на нашата земја, бројот на активни градежни компании што работат во моментов изнесува 4.349.