Претходна статија
Скопските булевари и улици приоритет и за догодина
Следна статија
По две години доцнење, граничниот премин Блаце пуштен во употреба

Стартуваше реконструкцијата на пругата Ногаевци – Неготино

Објавено на 28.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Намалена брзина на возовите на максимални 50 километри на час, нереконструирана пруга уште од 60-тите години на XX век. Ваквата негативна слика за железничката делница Ногаевци – Неготино наскоро значајно ќе се промени. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во железничката станица Градско вчера го означи почетокот на рехабитацијата на овој сегмент од железничкиот Коридор 10, кој има должина од 31 километри. Со реконструкцијата на пругата ќе се зголеми максималната брзина на возовите на 100 до 120 километри на час, со што значајно ќе се забрза движењето на стока и патници од Табановце до Гевгелија.

 

* Дел од пругата Ногаевци – Неготино, во близина на Градско

 

 

Со претстојниот зафат е предвидена целосна замена на старите дрвени со нови армирано – бетонски прагови, како и промена на постоечките шини со нови од типот UIC-60, кои за прв пат се користат во Македонија. Планирана е и санација на долниот строј на некои сегменти во должина од 2.890 метри. Во проектот влегува и реконструкција на патните премини со поставување на горен слој од рециклирана гума и асфалтни приоди кон премините. Со цел за заштита од ерозија и спречување на одрони, на трасата меѓу станиците Криволак и Кукуричани ќе се постават мрежи, анкери и габиони. Изведувачот е должен да ги санира и постоечките железнички стојалишта во Ногаевци, Стоби и Црвени Брегови, како и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак со поставување на нови перони од армирано – бетонски елементи.

 

За ремонт на пругата од Ногаевци до Неготино се одвоени 9.399.755 евра, финансиски средства добиени преку заем од Европската банка за обнова и развој. Изведувач на градежните работи е бугарската компанија „ЦК – 13 Холдинг ЈСЦ“, со која беше потпишан договор за остварување на проектот во јули годинава. Заедно со веќе комплетираните делници Табановце – Куманово и Миравци – Смоквица, Македонија ќе ја заокружи реализацијата на проектот во вредност од 17,6 милиони евра за реконструкција на пругите долж Коридорот 10, во вкупна должина од 54,4 километри.