Претходна статија
Пуштена во употреба стратешка трафостаница на МЕПСО
Следна статија
Презентиран проектот за нова зграда во судскиот комплекс

Стартуваше проширувањето на дел од Илинденска

Објавено на 16.02.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска го означи почетокот на проширувањето на Илинденска на потегот од улицата Наум Наумовски Борче до булеварот 8 Септември. На свеченоста присуствуваше и премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ. Проектот чини околу 1,3 милиони евра, а работите ќе ги изведува АДГ Гранит. Рокот за завршување со изградбата е септември годинава и Трајановски изрази надеж дека пуштањето во употреба ќе биде на денот на независноста.


Прво ќе се работи на сегментот помеѓу улицата Наум Наумовски Борче и улицата Рузвелтова, во должина од 640 метри, каде ќе се добие булевар со по две коловозни ленти во секоја насока, без средишно зеленило. Потоа ќе се продолжи со проширување од улицата Рузвелтова до булеварот 8 Септември, во должина од 800 метри. На овој потег се предвидени по две коловозни ленти во двете насоки, со ширина од по 3,5 метри и централно зеленило со ширина од 5 метри. По должината на булеварот ќе се гради и пешачка и велосипедска патека од двете страни. Ќе се постави осветлување со штедливи светилки кое ќе чини околу 8 милиони денари, а предвидена е и нова семафоризација на крстосницата со улицата Никола Тесла која ќе чини 2 милиони денари. Град Скопје, во подготовката за проширувањето изведе атмосферска канализација по должината на целата улица, во вредност од преку 32 милиони денари. Трајановски најави дека за време на работите сообраќајот ќе се одвива отежнато, а доколку има потреба сообраќајницата во одредени периоди ќе биде и затворена.


Градоначалникот изјави дека начелно е решен проблемот со граѓаните чии куќи беа на трасата на проширувањето. Градот е во постапка на купување на неколку станови од ЈПССДП со кои ќе бидат компензирани засегнатите. Трајановски исто така најави дека за проширување на потегот помеѓу улицата Наум Наумовски Борче и булеварот Климент Охридски ќе биде распишан тендер во месец март, а дека работите треба да почнат во јуни. Тој изрази надеж дека и овој сегмент ќе биде завршен до почетокот на септември и дека на денот на независноста ќе има континуирано булеварско решение по целата должина, од зградата на Владата, до крстосницата со булевар 8 Септември.




Форумска дискусија за овој проект  –> овде