Со површина од 40 хектари и можност за изградба на производствени погони на 18 градежни парцели организирани во два блока, технолошко – индустриската развојна зона во Ранковце се запиша на листата на локации во земјава во кои ќе се привлекуваат нови странски инвеститори. Премиерот Никола Груевски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски поставија камен – темелник на новата индустриска зона, во која е предвидено да се инвестираат околу 12 милиони евра за патна, водоводна, канализациска и телекомуникациска инфраструктура.
Очекувањата се дека местоположбата на зоната ќе привлече компании што ќе вложат во изградба на фабрики. ТИРЗ Ранковце се наоѓа долж Коридорот 8, меѓу градовите Куманово и Крива Паланка, во близина на селата Гиновци, Љубинци и Ранковце, на југоисток од селото Петралица, на северозапад од селото Псача. Оддалечена е околу 40 километри од граничниот премин Деве Баир, околу 50 километри од граничниот премин Табановце и 70 километри од скопскиот аеродром, а во нејзина близина се наоѓа магистралниот пат и планираната железничка пруга кон Бугарија.
Неколку познати меѓународни компании досега инвестираа во свои фабрики во двете индустриски зони во Скопје и Штип, а најави за вложување има и во ТИРЗ Тетово. Изминативе денови беа објавени огласи за изработка на проектна документација за индустриските зони во Берово, Делчево и Виница, веќе се работи на проектот за ТИРЗ Радовиш, а во моментов се одвиваат градежни активности за изведба на инфраструктурата во ТИРЗ Струмица, Гевгелија, Прилеп и Кичево.