Штипската компанија „Актива“ постави камен – темелник на нов индустриски погон за производство на автобуски каросерии во индустриската зона „Запад“ во Штип. На избраната парцела од 70.000 метри квадратни е предвидено да се градат две фабрики со вкупна површина од 32.000 метри квадратни, при што во оваа етапа ќе се реализира првиот објект што ќе се простира на 16.000 метри квадратни. „Во првата фаза, ќе се прави халата за делот за металните конектори, со површина од 8.000 метри квадратни, а по завршувањето на истата во септември и втората фаза со уште 8.000 метри квадратни. Инвестицијата е вредна 3 милиони евра, од кои 1 милион евра се средства на „Актива“, а 2 милиони евра се кредит од Комерцијална банка – Штип“ изјави Иле Наков, директор штипската компанија, која покрај како инвеститор, се јавува и како изведувач на градежните работи. Во улога на проектант и надзор се јавува „Студио Атриум“.
Новата фабрика во Штип се гради во соработка со белгиската компанија за производство на автобуси „Ван Хол“, која веќе има свој погон во индустриската зона „Бунарџик“. Пресудно за остварување на овој проект е ангажманот на „Актива“, во конструкцијата на нивната фабрика во Скопје. Очекувањата на инвеститорот се дека изведбата на индустрискиот објект ќе заврши за помалку од една година.