Претходна статија
Откриен споменикот „Паднати херои за Македонија“
Следна статија
Министерството за земјоделство од денес со нов објект

Стартуваше изградбата на автопат од Демир Капија до Смоквица

Објавено на 08.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Извор: Министерство за транспорт и врскиПо неколкумесечно одолжување на почетокот на градежните работи, Денот на независноста беше искористен за свечено поставување на камен – темелник за автопатот од Демир Капија до Смоквица. Идната делница во должина од 28,2 километри ќе има по две сообраќајни ленти во секоја насока со ширина од 3,5 метри, а поради тешкиот терен планирани се два двоцевни тунели во должина од 1.200 метри и шест мостови, од кои најголемиот ќе биде во должина од 660 метри. Во согласност со изработената документација, предвидено е да се изградат три конзолни мостови, додека останатите три ќе бидат со високи столбови и долги греди од пренапрегнат армиран бетон. Автопатот ќе има две клучки (кај Миравци и кај Смоквица), пет надвозници и седум подвозници. Проектот треба да се реализира во рок од 4 години, а првите возила по овој дел од патниот Коридор 10 се очекува да се придвижат во 2016 година.

 

#На тендерот за избор на изведувач на градежните работи беа пријавени 15 странски компании и конзорциуми. Иако италијанската компанија „Тото“ имаше понуда пониска за околу 40 милиони евра, за најповолен понудувач е избрана грчката компанија „Актор“. Реализаторот на инфраструктурниот зафат е обврзан на двегодишен гарантен рок во кој ќе треба да ги санира евентуалните недостатоци и грешки кои ќе се појават. Инвестицијата во автопатот од Демир Капија до Смоквица според надлежните е во висина од 257 милиони евра, од кои околу 70 милиони се заем од Европската банка за обнова и развој (EBRD), 130 милиони се од Европската инвестициска банка (EIB), 45 милиони се грант од ИПА фондовите на ЕУ, додека од државниот буџет на земјава се обезбедени околу шест милиони евра. Вредноста на договорот со „Актор“, без врачунат ДДВ, според официјалниот журнал на ЕУ за јавни набавки изнесува 210 милиони евра, односно 248 милиони со врачунат ДДВ.

 

Со комплетирањето на оваа делница, Македонија ќе обезбеди целосно автопатско решение на патниот Коридор 10, на потегот од Табановце до Гевгелија. Овој паневропски коридор ги поврзува земјите што се протегаат од Австрија на север до Грција на југ и неговата вкупна должина изнесува 1.451 километар.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект