Кружен тек со две коловозни ленти широки по 3,5 метри ќе се оформи на вкрстувањето на улиците Ѓорче Петров, Радушка и Воин Драшковиќ, непосредно до трговско-деловниот центар „СП Планет“. За потребите на новото сообраќајно решение ќе се раскопа постојниот асфалт и ќе се дислоцираат сообраќајните знаци и осветлувањето. По должината на новоформираниот коловоз ќе се постават рабници, а површината ќе се тампонира и ќе се покрие со нов асфалтен слој со дебелина од 19 сантиметри. Во рамките на проектот ќе се уредат и прошират влезовите во трите улици и ќе се уредат нови пешачки и велосипедски патеки.
Почетокот на градежните работи го означија градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски. Изведувач на проектот е „Пелагонија Гостивар“, а вредноста на инвестицијата е нешто над 130 илјади евра, средства од буџетот на Град Скопје. Веќе подолго се најавува изградба на кружни текови и на поголем број други локации низ градот.