Свеченото отворање на Стариот театар се одложува на неопределено време бидејќи планираната противпожарна заштита на објектот е недовршена. Министерството за култура пред три дена склучи нов договор со скопската подружница на австриската компанија „Штрабаг АГ“ за изведување на противпожарни машински инсталации со придружни фази произлезени од проектот за противпожарна заштита. За реализација на овој зафат ќе се исплатат дополнителни 63.607.677 денари или над 1 милион евра од државниот буџет. Земајќи ги во предвид стриктните законски норми за заштита од пожар во објектите, отпочнувањето со работа на новото седиште на Македонскиот народен театар без неопходната инсталација е невозможно.
Нов датум за пуштање во употреба на театарот се уште нема. „Билд“ денеска испрати прашања до портпаролот на Министерството за култура, но оттаму не доби одговор во однос на тоа кога ќе заврши изградбата на зданието и која фаза од довршувањето на објектот во моментов се изведува. Во договорот објавен на интернет – страницата на Бирото за јавни набавки е наведено дека рокот за изведување на противпожарните инсталации изнесува 65 денови и истиот истекува на крајот од мај годинава. Вкупната инвестиција во објектот Стар театар засега изнесува преку 31 милиони евра, заклучно со последниот договор потпишан пред три дена.
Изградбата на театарската зграда покрај реката Вардар започна на почетокот од 2007 година. Архитектонското решение го изработи архитектот Јован Стефановски – Жан. Објектот се состои од две театарски сали, големата со капацитет од 756 седишта и малата сцена која може да прими 236 гледачи. Проектот на ниво на карабина го доведе компанијата „Бетон“ од Штип, браварските, столарските, фасадерските и каменорезачките работи ги изведува италијанската фирма „Ламоне Мореда“, додека за ентериерното уредување е задолжена австриската „Штрабаг АГ“.