Градоначалниците на Скопје и на Чаир, Коце Трајановски и Изет Меџити, денеска го означија почетокот на градежните работи за целосна реконструкција и адаптација на уличното осветлување во Старата скопска чаршија. Проектот, кој го изработи скопската фирма „Блаком“, предвидува поставување на 250 столбови со 472 нови алуминиумски декоративни фенери со флуоресцентни штедливи светилки. За илуминација на еден од најпрепознатливите историски симболи на главниот град ќе бидат вложени 24,8 милиони денари, односно околу 400 илјади евра, при што Градот и Општината ќе учествуваат со по 50% од потребните финансиски средства.
Согласно изработениот проект, предвидено е да се постават декоративни лиени железни тросегментни столбови со различна висина и со различен број на фенери долж улиците Битпазарска, Дрварска, Покриена чаршија, Градиште, Лазар Танев, Подграѓе, Јорганџиска, Макарије Фрчковски, Казанџиска, 694, Ќурчиска, Евлија Челебија, 412, Папуџиска, Петар Михов, Теодосиј Гологанов, Ковачка и Самарџиска. Дел од фенерите, поточно 77 од нив ќе бидат поставени на фасадите од чаршиските дуќани. Изведувач на градежните работи е групата на понудувачи „Инженеринг ДАСС“, „Гранит електрика“, „Макпримат“ и „Адра“, кои ќе треба во рок од 90 дена да ги постават новите столбови заедно со осветлувањето.
» Форумска дискусија за Старата скопска чаршија
» Фото – нишка за Старата скопска чаршија