Скопските средни училишта „Арсени Јовков“ и „Зеф Љуш Марку“ во претстојната грејна сезона ќе се греат на гас. Според пресметките на Град Скопје, гасификацијата на образовните објекти се очекува да заштеди околу 50% од средства кои се трошеле за греење. Инвестицијата изнесува 15 милиони денари и ќе се врати во рок од четири години. Со инсталираниот котел за гас ќе се загреваат просториите на двете училишта, во кои настава посетуваат 2.000 ученици.
* Извор на фотографија: Град Скопје
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денес информираше дека до средината на следниот месец ќе се изработат проектите за гасификација на уште седум средни училишта во главниот град. Најпрво ќе се распише оглас за воведување на гасот во училиштето „Д-р Панче Караѓозов“, а потоа и на објектите во кои се сместени средните училишта „Марија Кири – Склодовска“, „Владо Тасевски“ и „Панче Арсовски“. Со реализацијата на овој проект, Градот Скопје придонесува за подобрување на еколошката состојба на градот, затоа што ќе се замени користењето на течно гориво со природен гас.