После нецели 16 месеци изградба, спортскиот центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ во скопската општина Аеродром [»мапа] се завршени и од денеска официјално отворени. Мултифункционалниот комплекс е инвестиција од 15 милиони евра на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, реализирана преку јавно – приватно партнерство со локалната власт. Изграден е на парцела од 11.000 метри квадратни, на местото на старата сала на МЗТ Скопје, која беше урната на почетокот на 2013 година. Според одредбите на договорот за партнерство помеѓу општината и рускиот инвеститор, Самсоненко ќе стопанисува со комплексот до 2049 година.
Новата арена ќе биде дом на РК „Вардар“ и КК „МЗТ Скопје“. Првично беше најавен капацитет на големата сала за 5.360 гледачи, но според денеска лиферуваните информации и тврдењето на генералниот менаџер на спортскиот центар, Надица Димовска, капацитетот на големата сала е 6.500 гледачи, а на малата 1.000 гледачи. Во склоп на СЦ „Јане Сандански“ ќе има и конгресен центар, тениски игралишта, фитнес и аеробик центар. Хотелот „Русија“ има четири ѕвездички и располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски и шест „супериор“ апартмани, 28 еднокреветни, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Дел од содржините на хотелот се и спа центар и „руф“ бар. Целиот повеќенаменски комплекс обезбедува над 50 работни места.
Проектот за спортскиот центар и хотелот беше изработен од страна на реномираното македонско студио „Радо Инженеринг“. Во изградбата учествуваа над 60 македонски компании и пет странски (од Русија, Србија и од Словенија), со вкупно ангажирани околу 1.600 работници. Главен изведувач беше „Гранит“, а надзорот го вршеше „Мегарон инженеринг“. Проект менаџментот ѝ беше доверен на српската фирма „CRE Construction & Consulting“.
» Форумска дискусија за овој проект
Галерија: