Претходна статија
Владин „барок“ на местото на студентскиот културен центар во Скопје
Следна статија
Штипјани ќе добијат рекреативна велосипедска патека

Спомениците на албанските дејци од „Скопје 2014“ ја загреваат политичката сцена

Објавено на 28.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски на денешната прес-конференција ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дека пред три години склучиле партиски договор за одлужување на поставувањето на спомениците на познати албански дејци. „Јавноста треба да ја знае вистината со какви политички манипулации и игри се служат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за добивање гласови. Општина Центар за проектот „Скопје 2014“ била пералница за пари. Од документите се гледа дека општина Центар требала само да ги префрли парите за споменици на Неџат Аголи, Јосип Багери и Пјетер Богдани“, посочи градоначалникот Жерновски. Тој објави документи со кои се потврдува вистинитоста на неговото тврдење.

 

Владата на седница одржана на 12 јануари годинава го задолжила Министерството за локална самоуправа, преку општина Центар, да организира транспорт на трите споменика од италијанскиот град Виченца до Скопје. „Гледате какви одлуки носи Владата за да изврши притисок врз општина Центар. Затоа барам итно, на првата наредна седница, Владата да ја поништи оваа одлука. Во спротивно, ќе поведеме постапка пред надлежните органи“, вели градоначалникот Андреј Жерновски. Тој истовремено истакна дека двете владејачки партии треба да одговорат зошто претходниот секретар во општина Центар потпишал документ за одложување на лиењето на само овие три споменици. На тој начин, претходното општинско раководство ги оставило овие споменици за реализација на сегашното раководство на општина Центар. Градоначалникот Жерновски денеска повтори дека нема да учествува во овие политички игри.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение во кое наведуваат дека нема да го напаѓаат градоначалникот Жерновски кога ќе ги поставува спомениците. Тие велат дека првиот човек на општина Центар ги криел спомениците на албанските дејци и ја манипулирал македонската јавност од страв за сопствениот рејтинг. ВМРО-ДПМНЕ смета дека трите споменици треба да се постават во централното градско подрачје, од причина што, тие заслужиле почит исто како и Скендер-бег и Мајка Тереза.