Нова платформа на Интернет што ја раскажува приказната за настанувањето на Споменикот на слободата во Кочани е достапна за македонската јавност. Ликовниот уметник Елена Чемерска и креативното студио KIOSK од Скопје изработија веб – страница што ќе ѝ овозможи на македонската јавност подетално да се запознае со ова здание лоцирано на кочанскиот рид Лукомија. На сајтот се поместени осум раскази на Влатко Симеонов, Глигор Серафимов, Златко Ориѓански, Иван Шапков, Јулијана Вучкова, Лилика Стрезоска, Љупа Ангелов и Наталија Теодосиева поврзани со нивните сеќавања за Споменикот на слободата.
*Извор на фотографија: Википедија
„Оваа платформа е замислена да функционира како своевиден споменар на Споменикот на слободата во Кочани. Место каде што кочанчани, но се разбира, и секој друг кому споменикот му живее и трепери во сеќавањето, ќе можат да ги споделат своите приказни поврзани со Споменикот на слободата“ нагласува Елена Чемерска во образложението на проектот. Секој заинтересиран граѓанин преку самиот сајт може да ја сподели својата приказна поврзана со Споменикот на слободата во Кочани.
Започнатиот проект претставува вистинска реткост во македонскиот Интернет – простор, којшто одвојува недоволно материјали за модернистичкото архитектонско – уметничко наследство од овој период. Самото монументално здание е отворено во 1981 година. Автори на Споменикот на слободата во Кочани се Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ.