Македонските архитекти Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски од „Синдикат Студио“ ја примија наградата на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона за освоеното прво место за проектот Спомен куќа на Тоше Проески [»мапа] во категоријата People’ s Choice Award. Според јавното гласање на интернет корисниците на OpenBuildings, популарниот објект од Крушево доби 15.078 гласови и заврши на првата позиција пред Музејот на сеќавањата и толеранцијата во Мексико Сити и комплексот Атмосфера во Калкута.
Главната награда на овогодинешното издание на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона ја освои деловниот објект MEDIA – TIC сместен во 22@ – новиот округ на иновацијата и технологијата во Барселона. Зданието е дизајнирано во 2007 година од страна на студиото Cloud 9. Главниот мотив за доделувањето на наградата на овој објект е применетата технологија која ја намалува емисијата на јаглерод диоксид за 95% на годишно ниво со што истиот влегува во т.н. Net – Zero Energy Building (NZEB).
Главната награда за иден проект на годината ја доби Hanimaadhoo – меѓународен аеродром на Малдивите, а во десетина други категории се доделија награди за најдобри архитектонски зданија според намената на објектите. Меѓународниот фестивал за архитектура е основан во 2008 година и од тогаш секоја есен се одржува во Барселона.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски