Министерството за транспорт и врски ќе и го додели на општина Центар на трајно користење земјиштето наменето за изградба на градинката „Кочо Рацин“ во населбата Капиштец. Станува збор за градежна парцела со површина од 5.320 метри квадратни, која ќе биде префрлена во сопственост на скопската локална самоуправа бидејќи истата и понатаму не е во можност да управува со градежното земјиште што се наоѓа на нејзина територија. „Изградбата на оваа градинка претставува барање на жителите на населбата Капиштец и како ресорно Министерство и Влада ги овозможуваме сите предуслови за реализација на еден ваков проект“ изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес – конференција организирана по овој повод.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски најави дека општина Центар ќе биде ослободена од плаќање на комуналиите за изградба на градинката, напоменувајќи дека Градот Скопје не сака да биде кочничар во реализацијата на проектите на оваа локална самоуправа. Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска го поздрави потегот на Владата и на Градот Скопје, нагласувајќи дека очекува Министерството за транспорт и врски да ја заокружи процедурата за доделување на целото неизградено градежно земјиште во владение на општина Центар.
Со најновиот чекор на надлежното министерство, се создаваат услови за почеток на остварувањето на проектот. Општина Центар веќе ги реализираше активностите за демонтирање на стариот објект што се наоѓа на парцелата на која треба да се изгради новата градинка „Кочо Рацин“. Склучен е договор за изведба на целокупните градежни работи со компанијата „Гранит“ од Скопје, на која ќе и бидат исплатени 112 милиони денари обезбедени од буџетот на општината. За новата образовна установа е изработена проектна документација, која предвидува изградба на објект со површина од 2.200 метри квадратни со осум занимални, три јасли, централна кујна, амфитеатар и свечена сала.