Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција информираше дека Градот Скопје ја сопрел изградбата на Панорамското тркало. Тој посочи дека во овој објект се залудно потрошени милионски суми на средства, а притоа е нанесена штета на скапо платените објекти од проектот „Скопје 2014“. „Последните дождови покажаа дека мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ станува реална опасност по граѓаните на Скопје и нивните имоти. Во јавноста се презентираше неговата корисност за развој на туризмот во Скопје. Изминативе неколку дена потврдија дека оваа слика не само што не го развива туризмот, туку претставува опасност за безбедноста на целиот град“ изјави градоначалникот Шилегов.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Градските служби денеска започнаа да го чистат насобраниот отпад во минор и мајор коритото на реката Вардар околу градилиштето на Панорамското тркало. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека не е платено самото тркало, со што ќе се заштедат пари од градскиот буџет за други намени. Договорот со изведувачот на градежните работи е сторниран, додека досегашните активности изведени на терен се платени.