Кинеската компанија „Синохидро Корпорација“ ја сопрела изградбата на автопатските делници Миладиновци – Свети Николе – Штип и Кичево – Охрид. Новиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека постојат низа на пропусти при изведбата на градежните работи. „Дупките“ веќе се констатирани во извештајот на надзорот над градежните работи, но претходната власт за сите овие пропусти молчела и не ја информирала јавноста. Автопатот што треба да ги поврзува Скопје и Штип се соочува со имотно – правни проблеми, кои треба допрва да се решаваат.
„Дојче Веле“ денеска објави сегменти од извештајот за автопатот Кичево – Охрид, кои укажуваат на можноста за дополнителни трошоци од околу 100 милиони евра при довршувањето на оваа делница. Косините на автопатот е утврдено дека се нестабилни на четири сегменти, а посочени се и сериозни грешки во делот на проектната документација. Нашата земја веќе се задолжи кај кинеската Ексим банка за кредит во висина од 580 милиони евра, за што социјалдемократите во изминативе години обвинуваа дека станува збор за преголема сума на средства за изградба на делниците.
Специјалното јавно обвинителство веќе информираше дека отворило истрага околу евентуалното оштетување на буџетот во висина од 155 милиони евра при изградбата на двата кинески автопати. Делницата Миладиновци – Штип е речиси целосно пробиена, а десетина километри од автопатот веќе се асфалтирани. Сепак, првичниот рок за изведба на овој автопат е продолжен за повеќе од четири месеци и не се знае кога ќе заврши неговата изведба. Во делот на автопатот Кичево – Охрид се пробиени околу 85% од трасата, но и за овој проект се појавува опасноста од одолговлекување на предвидениот рок за завршување на работите – почетокот на 2018 година.
Автопатот Кичево – Охрид има предвидена должина од 57 километри. Трасата се гради повеќе од три години. Автопатот Миладиновци – Штип е во должина од 47 километри. Овој проект се реализира во изминативе три години и два месеца.