Македонското собрание со 65 гласови „за“ го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Со изгласаниот анекс се продолжува рокот за изведба на автопатот Миладиновци-Штип до 30 септември 2018 година. Досега се завршени околу 75% од градежните работи на овој проект, но кинеската компанија „Синохидро“ ќе мора да измени и корегира одредени пропусти при изградбата на делницата во должина од 47 километри.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска оствари средба со кинеската амбасадорка Јин Ликсиан. По одржаната средба, тој напомена дека со „Синохидро“ и со Ексим банката нашле компромисно решение околу доцнењето и изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Од владата се надеваат дека проблемите со кинеската страна се надминати. Анексот на договорите за кинеските автопати засега останува недостапен на јавноста.
Автопатот Миладиновци – Штип требаше да биде изграден до мај 2017 година, додека изведбата на делницата од Кичево до Охрид требаше да финишира на почетокот од 2018 година. Новата влада пронајде сериозни пропусти и доцнење во изведбата на двата проекта, за кои процени дека ќе биде потребно да се одвојат дополнителни финансии од државниот буџет.