Над 2.200 полнолетни граѓани на Валандово ги дале своите потписи за поддршка на иницијативата за одржување на референдум за идниот рудник за бакар во Казандол. Во подрачната канцеларија на ДИК беа собрани неопходните потписи пред законскиот краен рок од 15 јуни. Советот на општина Валандово на наредната седница ќе мора да го распише референдумот, поаѓајќи од исполнувањето на законскиот услов за негово одржување. Засега нема информации за датумот кога граѓаните ќе може да се изјаснат околу изградбата на планираниот рудник во Валандовскиот регион.
Од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ бараат да се распише референдум на кој граѓаните ќе може да се изјаснат не само за рудникот во Казандол, туку и за евентуалното идно отворање на други слични рудници на нејзината територија. За рудникот во Казандол веќе се закажани две референдумски изјаснувања во соседните општини. Граѓаните на Богданци е предвидено да излезат на гласачките места на 11 јуни, додека референдумот во Дојран ќе се одржи на 18 јуни.
Врз основа на законската регулатива, референдумското изјаснување може да се прогласи за успешно доколку на гласачките места излезат најмалку половина од запишаните избирачи во овие општини.