Министерството за финансии ќе склучи нов договор за заем од Светската банка во износ од 26,2 милиони евра, со цел зголемување на ефикасноста на транспортот и намалување на трошоците за трговија. Проектот се состои од четири компоненти, со кои ќе се обезбеди подобрување на физичките капацитети и работните услови на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, развој на Интелигентен транспортен систем – ИТС на дел од Коридорот 10, техничка помош околу спроведувањето реформи во рамките на Договорот ЦЕФТА и поддршка за спроведување на целокупниот проект.
Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан е од регионален карактер и во првичната фаза, покрај нашата земја, ќе ги вклучи и Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.